Плакат за настанот во „Лабораториум“

Поетско-музичка вечер со слоганот „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“ на 18 март ќе се одржи во „Лабораториум“

Под слоганот „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“ ќе биде одбележан Светскиот ден на поезијата со настан на кој ќе читаат 30-ина современи и афирмирани македонски поети и поетеси од сите генерации и со музичка програма од современи македонски музичари.

Поетско-музичката вечер, тематски посветена на поезијата за патот, ќе се одржи на 18 март (среда), со почеток од 19 часот, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје.

Темата на оваа поетска вечер, велат организаторите, не е случајно избрана. „Патот е важна одредница на сите поети – и општочовечкиот и поетскиот, автореференцијалниот. Секој поет уште од своите почетоци се труди да се издвои по својот стил – односно да го најде својот автохтон пат во поезијата. Тој пат е и примамлив и неизвесен, бара длабење во најдлабокото, но и остар увид во површното, секојдневното. На тој начин, поезијата може да се сфати и како пат кон себе, но и како пат кон другиот, а поетот станува патник упатен кон растајнување на непознатото. Притоа, патот за поетот не е цел сама по себе, туку е суштествена потреба на духот, израз на ‘поривот што за смисла не прашува’“, вели поетесата Виолета Танчева-Златева, која подготвува „Антологија на патот“ од современата македонска поезија.

Беседа по повод Светскиот ден на поезијата ќе одржи младата поетеса Ивана Јовановска, а настанот ќе го модерира поетесата и новинарка Александра Спасеска.

Музичкото интермецо меѓу стиховите ќе го изведе Зарина Првасевда, а настанот ќе го заокружат „Поетроника“, кои со своите иновативни звуци ќе ја продолжат забавата до крајот на вечерта.

Сите истакнати поети од различни генерации што ќе читаат на овој настан се објавени на официјалните социјални страници на Издавачки центар „Три“, кој во соработка со Општина Центар, го организира настанот за прослава на поезијата. Влезот е слободен и организаторите ги покануваат сите кои пишуваат, читаат или едноставно сакаат да уживаат во добра поезија и добра музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот