Поетска средба со уметницата Лучила Трапацо ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“

Просторна инсталација на Лучила Трапацо

Во просториите на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје на 10 мај, во 20 часот, ќе се одржи претставување на поетското творештво на швајцарско-италијанската поетеса Лучила Трапацо. Станува збор за ретка можност за непосредна и неформална средба со една од најпознатите и најплодни современи швајцарско-италијански авторки.

Вечерта е замислена како непосредна поетска дружба и средба со авторката на која ќе се интерпретираат песни на неколку јазици и ќе се разговара за поезијата, чинот на творењето, светските современи книжевно-културни текови и сл.

На настанот, македонската јавност ќе има можност одблиску да се запознае со поетското творештво на Лучила Трапацо, која е вљубеничка во македонската култура и јазик, но и со неа како уметница, а пред сè како личност.

На овој редок настан ќе учествуваат и поетесата, преведувачка и слемерка Елена Пренџова, која ќе ја претстави Лучила Трапацо и ќе го води разговорот со неа, и актерката, поетеса и театрологинка Христина Цветаноска, која ќе ги интерпретира стиховите на македонски и италијански јазик. На настанот ќе се зборува на македонски, англиски и италијански јазик.

Лучила Трапацо е швајцарско-италијанска поетеса, преведувачка, актерка, уметница и перформерка. Живеела и творела во многу светски културни центри, меѓу кои и Брисел, Вашингтон и Њујорк, но денес живее во Цирих, Швајцарија.

Ги поддржува човековите права и се залага за зачувување на планетата Земја, а нејзината социјална, феминистичка и т.н. женска гледна точка се рефлектира во многу нејзини дела.

Учествувала на многу меѓународни фестивали (меѓу кои и Струшките вечери на поезијата во Македонија), а нејзините песни се преведени на 18 јазици и објавени во меѓународни антологии и литературни списанија, како и наградени со бројни награди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот