Поддршка за европска перспектива на Западен Балкан: Германските социјалдемократи, зелените и либералите ќе состават влада

западен балкан
Западен Балкан, знамиња / Фото: Слободен печат, архива

Германските социјалдемократи, зелените и либералите постигнаа договор за формирање нова влада со која ќе се стави крај на 16-годишната ера на канцеларката Ангела Меркел.

Нов германски канцелар ќе биде социјалдемократот Олаф Шолц, кој потврди дека неговата партија постигнала договор со Партијата на зелените и со Слободна демократска партија. Трите партии никогаш не формирале германска влада заедно.

Шолц, поранешен вицеканцелар и министер за финансии, рече дека очекува членовите на трите партии да се согласат за договор за нова владејачка коалиција во следните десет дена. Во тој случај, парламентот треба да ја избере владата на Шолц во втората недела од декември.

Меѓу првите мерки на новата влада ќе биде воведувањето задолжителна вакцинација за сите кои живеат на места каде што има загрозени лица, како болници и домови за стари лица, со можност за проширување на примената на оваа регулатива.

Германија бележи скок во бројот на нови инфекции во последниве недели, а транзицијата на власта до одреден степен влијаеше на одговорот на владата на новиот бран пандемии.

Шолц, исто така, ја истакна важноста на пријателството со Франција и партнерството со САД, како клучни точки во надворешната политика на неговата влада.

– Новата влада нема да бара „најмал заеднички именител, туку политика на големо влијание, рече Шолц.

Копретседателот на Зелените Роберт Хабек изјави дека мерките на новата влада ќе ја насочат Германија кон постигнување на целите од Парискиот климатски договор од 2015 година.

Социјалдемократите, кои освоија најмногу гласови на изборите на 26 септември, досега беа во владата, но како послаб партнер на демохристијанскиот блок на Ангела Меркел.

Партиите што ќе ја формираат новата германска влада го поддржуваат отворањето на преговорите за пристапување на Албанија и Северна Македонија во Европската унија, продолжување на преговорите со Србија и Црна Гора и визната либерализација за Косово.

„Го поддржуваме процесот на пристапување во ЕУ на шесте земји од регионот на Западен Балкан и неопходните реформи за исполнување на сите критериуми од Копенхаген. Во овој контекст, го зајакнуваме граѓанското општество и поддржуваме понатамошни чекори кон пристапување во ЕУ”, стои во коалицискиот договор.

Во параграфот што се однесува на Западен Балкан се додава дека „следно мора да биде отворањето на првите поглавја во пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, усвојување на визната либерализација со Косово и продолжување на преговорите со Црна Гора и Србија”.

Трите партии, исто така, велат дека го поддржуваат дијалогот предводен од ЕУ за нормализација меѓу Косово и Србија и напорите за траен мир во Босна и Херцеговина изграден на територијален интегритет и надминување на етничките поделби.

Паралелно со пристапните преговори, ЕУ мора да го подобри својот капацитет за прием на нови членки, се додава во коалицискиот договор од 177 страници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот