ИН МЕМОРИАМ Почина Агим Јонуз

Погребот на Агим Јонуз ќе биде утре на гробиштата во Бутел.

Македонската јавност денеска се збогува со еден од најпрепознатливите и најавтентични гласови во медиумскиот простор – политичкиот аналитичар и новинар Агим Јонуз.

По кратко и тешко боледување, на 63-годишна возраст во Скопје, згасна човекот чиј збор секогаш имаше тежина, а чии мисли беа втемелени во реалноста, не во елитните кабинети, туку во пулсот на чаршијата.

Јонуз беше човек кој ја носеше чаршијата во себе. Пораснат во скопски Чаир, каде мултиетничноста не била флоскула, туку начин на живот. Токму од таму потекнуваше неговата длабока верба во соживот, разбирање и меѓусебна почит. Тој често велеше дека вистинскиот соживот не се гради со декларации, туку со секојдневни гестови, со човечност и со почит.

Во јавниот живот се наметна како човек кој не се плаши да зборува – директно, искрено и без дипломатски украси.

Секогаш стоеше меѓу линиите на поделените табори и се обидуваше да внесе глас на разум таму каде што доминираа емоции и предрасуди. Агим не го гледаше светот низ етнички призми. За него, тоа беа само детали пред суштината: човекот и неговата судбина.

Неговата способност да ги разбере и Чаир и Центар, и богатите и сиромашните, и левите и десните, го направи уникатен во својата професија. Беше почитуван од колегите новинари, но и од политичарите што често ги критикуваше – а критиката му беше чесна, аргументирана и човечка.

Последното видео-интервју, Агим Јонуз го сними токму во студиото на „Слободен печат“, а негов последен гостин беше поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Фатмир Битиќи во разговор со Агим Јонуз: Државата сè помалку ја има

Веста за смртта на Агим Јонуз ја исполни медиумската сцена со тага и неверување.  Неговото заминување остава празнина што тешко ќе се пополни. Во време на поделби и гласови што врескаат, неговата смиреност, мудрост и искрено „скопјанство“ ќе недостасуваат повеќе од кога било.

Погребот ќе се одржи утре на градските гробишта во Бутел, каде што семејството, пријателите, колегите и сите што го почитуваа, ќе се збогуваат со човекот што го сакаше животот, луѓето и Македонија — токму онака како што тој знаеше: со топлина, достоинство и со човечност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот