Почина игумен Теодосиј од Лешочкиот манастир

Фото: Фејсбук/ Тетовско-Гостиварска Епархија

Тетовско-гостиварската епархија информира дека вчера почина, а денеска е погребан игумен Теодосиј од Лешочкиот манастир. По опелото тој е погребан во Лешочкиот манастир.

„На 3 декември 2022, во навечерието на празникот Воведение на Пресвета Богородица-Пречиста, се упокои игуменот на Лешочкиот манастир, Теодосиј. Со таговна радост и неодминливо воскресенско чувство во срцето го испративме во другиот, вечен живот. На опелото во Лешочкиот манастир чиноначалствуваше надлежниот митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештеници од епархијата“, информираа од епахијата.

Игумен Теодосиј е роден во 1944 година во село Глоѓи со световно име Димитрије Крстевски, од татко Маринко и мајка Цена. Осумгодишно училиште завршил во с. Теарце, а потоа во 1960 година се запишува во Призренската Богословија, која ја напушта во 1962 година и своето образование го продолжува во Богословијата „Св. Климент Охридски” во Скопје, во 1967 година.

Стапува во брак со Бора Јовановска на 27. 09. 1968 година. Ракоположен е во ѓаконски чин на 10. 08. 1969 година од страна на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и прв Митрополит Скопски г. г. Доситеј, во храмот „Св. Петка” во с. Туденце, а на 14. 08. 1969 година е ракоположен за свештеник во храмот „Св. вмч. Димитриј” во Скопје и поставен за парох во Вратничката парохија.

Во 1979 година е поставен за парох во Теаречката парохија и е назначен за старешина на Лешочкиот манастир. На 09. 07. 1987 година е произведен во протоерејски чин, а на 05. 01. 2001 година е одликуван со граден крст. На 27. 08. 2009 година е замонашен и го добива името Теодосиј, а на 15. 05. 2010 година поставен е за игумен на Лешочкиот манастир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот