Почина британскиот актер Џон Нолан, играше во „Бетмен почнува“ на внук му Кристофер
Англискиот актер Џон Нолан, познат по улогите во филмовите од серијалот „Бетмен“ и по честата соработка со своите внуци – сценаристот Џонатан и славниот режисер Кристофер Нолан, почина на 87-годишна возраст, а тажната вест ја потврдило неговото семејство, пренесе „Варајети“.
Препорачано
За пошироката публика, Нолан беше препознатлив по улогите во филмовите на своите славни роднини. Во „Бетмен: Почеток“ (2005) и „Темниот витез: Подемот“ (2012) го толкуваше Даглас Фредерикс, член на управниот одбор на „Вејн Ентерпрајзис“. Се појави и во дебитантскиот филм „Following“ (1998), како и во „Данкерк“ (2017), каде што играше слеп човек.
На телевизија остави силен впечаток со улогата на негативецот Џон Грир, поранешен агент на МИ6, во серијата „Лице од интерес“.
Роден во 1938 година во Кент, Нолан се школувал во лондонскиот „Драма центар“, а кариерата ја започнал на театарската сцена, вклучително и во „Ројал Шекспир компани“. Во 70-тите станал познат на британската телевизија со сериите „Даниел Деронда“ и „Шеби тајгер“.
Беше во брак со актерката Ким Хартман од 1975 година и имаа две деца. Таа го опиша како „слободен дух и оригинален мислител“.
Неговата последна улога беше во серијата „Dune: Prophecy“ (2024).


