Победата на Борис Џонсон го иницираше разединувањето британското кралство?

Фото: EPA/ANDY RAIN

Неколку илјади демонстранти се собраа во петокот на улиците на најголемиот шкотски град Глазгов, под паролата „Тој не е мојот премиер“, пишува Иван Фишер за „Јутарњи“. Притоа, мислејќи на лидерот на конзервативната партија Борис Џонсон.

– Резултатите на изборите покажаа дека погледите во Англија не се совпаѓаат со нашите и ние не можеме да продолжиме да го правиме истото како нив, само поради тоа што технички сме во истата држава – изјави Тес Рајли, една од учесничките во протестот за шкотскиот сепаратистички весник „Нешенал“.

Дали на Велика Британија ѝ се заканува распад на четири дела: Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска?

– Тука сум бидејќи Шкотска секогаш ја игнорнираат на сите избори и дојде време да добиеме право на глас за нашата иднина – рече Лорен Пирсон.

Партијата на Џонсон претрпе тежок пораз во шкотските изборни единици, каде поголемиот дел од гласачите гласаа за Шкотската национална партија, која ја предводи шкотската премиерка Никола Стурџеон.

Шкотите во поголемиот дел беа против Брегзит, а просечниот шкотски гласач значително е поблизу до идеалите на Европската Унија, отколку вредностите за кои се залага актуелната британска конзервативна власт. Шкотите се отворени, либерални, толерантни, мултикултурни, подготвени за трговија со континентот и отворени кон миграцијата, пишуваат медиумите.

Нов референдум во Шкотска?

Граѓаните на Шкотска пред пет години излегоа на референдум за независност кој го одобри тогашниот конзервативен премиер Дејвид Камерон. Непосредно пред гласањето, им се закани дека Велика Британија, ако Шкотска го напушти кралството, ќе стави вето на нивното влегување во ЕУ.

Многу аналитичари веруваат дека токму оваа закана беше пресудна за одлуката на шкотските гласачи да останат во Кралството, бидејќи со тоа остануваат и во ЕУ. Две години подоцна, дури 62 отсто од Шкотите гласаа за останување на Обединетото Кралство во ЕУ, но нив ги надгласа Велс и сиромашните делови на Англија.

Повеќе од независноста, Шкотите сакаат да бидат дел од ЕУ, а резултатите од овонеделните парламентарни избори ветуваат излегување на Британија од ЕУ. Шкотската премиерка, која на изборите влезе со ветувањето дека ќе организира нов референдум за независност, доби „ветер во грбот“ со изборните резултати и најверојатно ќе инсистира истиот да биде спроведен. Меѓутоа, Борис Џонсон тоа нема да го дозволи, пишува „Јутарњи лист“.

Според шкотските медиуми, Никола Стурџеон веќе следната недела ќе побара правото за распишување на референдум за независност трајно да му се препише на шкотскиот парламент, наместо да биде во надлежност на владата во Лондон.

Експертите веруваат дека Џонсон на секој можен начин ќе му се спротистави на шкотскиот сепаратизам.

Неговото игнонирање на шкотските сепаратисти сигурно ќе ја подигне напнатоста и ќе предизвика бранување и поинтензивни протести од овој последниот во Глазгов. Во петокот Шкотите маршираа со пораката дека не го признаваат авторитетот на Џонсон. Набрзо ќе маршираат и со пораката дека нема да отстапат во борбата за независност. Што повеќе Џонсон ќе се бори против тоа и како клопчето на Брегзит сѐ повеќе ќе се одмотува, отпорот во Шкотска ќе биде сѐ поголем.

Ирска се обединува?

Тешко е да се предвиди дали шкотските протести ќе станат насилни и дали ќе прераснат во сериозни нереди, но затоа значително полесно може да се предвиди што ќе се случи во Северна Ирска, каде пробританските унионисти првпат во историјата освоија помалку места во парламентот во однос на проирските сепаратисти.

Лидерката на ирската националистичка партија Шин Фејн, Мери Лу Макдоналд, во саботата порача дека расте притисокот за распишување на референдум за ирско обединување.

– Брегзит го промени политичкиот профил на Ирска, во Британија и во Европа. Сѐ што некогаш беше сигурно, сега повеќе не е. Гласачите јасно реагираа на соработката меѓу партиите кои се за останување во ЕУ, прогресивните партии, и тоа повторно покажа дека поголемиот дел на Северот е против тоа да бидат извлечени од ЕУ, против било какви „тврди граници“ на ирскиот остров, како и дека сакаат да го зашитат Договорот на Големиот петок и економијата на целиот остров – рече таа.

Договорот на Големиот петок од 1998 година придонесе за примирје во граѓанската војна во Ирска и Британија, по повеќе од 30 години судири и повеќе од 3500 убиени. Еден од клучните делови на Договорот е и клаузулата според која Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство сѐ додека поголемиот дел од граѓаните на Северна Ирска и Република Ирска не одлучат поразлично. Ако дојде до тоа, владите во Лондон и Ирска се должни да ја спроведат одлуката на народот.

Во последната анкета, спроведена во септември оваа година, 51 отсто од гласачите во Северна Ирска биле за обединување со Ирска, додека 49 отсто биле за останување во Велика Британија. По најновата победа на Борис Џонсон, во своите преговори со ЕУ јасно даде до знаење дека Северна Ирска му е помалку важна од Брегзит. Од друга страна, во Северна Ирска победија партиите кои се за останување во ЕУ и за обединување, па експертите сметаат дека не е чудно тоа што Шин Фејн веќе ја повика владата на Ирска и Велика Британија за почеток на преговори.

– Нашите преговарачки тимови се подготвени за почеток на преговорите со двете влади и останатите страни во понеделник – рече Макдоналд.

За разлика од Шкотска, чии барања Џонсон законски смее да ги игнорира, барањето од Северна Ирска е многу посериозно поради механизмот во Договорот кој го обврзува. Меѓутоа, ако Џонсон се обиде да ја опструира и ирската иницијатива за излез од Унијата, националистичкиот одговор во тој регион би можел да биде многупонасилен од шкотските протести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот