По изборите, Македонија мора да се соочи со Бугарија

Фото: Александар Кржаловски/Инбокс 7

Изборите во Бугарија ќе стават крај на провокациите и острата реторика од Софија кон Скопје, но тие треба да бидат почеток на нов однос во кој Македонија ќе ги отвори картите, аргументирано ќе се конфронтира со Бугарија, па ако треба и ќе стави вето на некоја одлука во НАТО во врска со Бугарија, вели аналитичарот Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Тој не очекува напредок во евроинтеграциските процеси на Самитот во јуни, како што оптимистично најави неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи затоа што е можно дотогаш да не се формира идната бугарска влада.

– Добро е што дојде време за изборите во Бугарија претстојниот викенд, па со тоа ќе завршат и кампањите и во следниот период очекувам да стивнат реториките и провокациите, како таа на европратеникот Ангел Џамбаски. Така гледам и на последниве обиди или испади со порадикална реторика евентуално да се добие некој глас повеќе или да спаси рејтингот што постојано ѝ паѓа на ВМРО-БНД. Но, веројатно и тоа нема да им помогне да останат во Парламентот. Од друга страна сигурно ќе има доста пратеници новата партија на Слави Трифuнов и прилично е извесно дека тој ќе го замени Каракачанов во новата влада на ГЕРБ (извесно е и дека тие пак ќе победат на изборите), што не е баш добра вест за нас, бидејќи е тој уште подесно од БНД и порадикален,  вклучително и за македонското прашање – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој смета дека пристапот на смиреност во одговорот на бугарските провокации што го избра македонската влада бил добар во овој период, но ако и идната влада во Бугарија продолжи со иста или слична реторика, нема да има многу смисла и понатаму да одиме со таа тактика.

– Ќе мора прашањата отворено и јавно да се разговараат, разликите да се извадат на виделина и да се прецизираат, а потоа и да се конфронтираме со аргументите на повеќе фронтови – во самото наше општество, вклучително и во Собранието, како и директно со Бугарија, да се соочат и владите и во Комисијата за историските прашања. Секако и пошироко, во рамките на Европската унија, па и во НАТО. Зошто да не и со наше вето за што било што прво ќе дојде на дневен ред а се однесува на Бугарија, чисто да се демонстрира дека е неприфатлива употребата на тој механизам и позиција за да се издејствува отстапка од нас или од било кој друг за работи што се косат со европските вредности и стандарди – вели Кржаловски.

Тој вели дека и на самитот на ЕУ во јуни не е можно да биде усвоена преговарачката рамка за Македонија.

– Јас лично не сум оптимист. Прашање е дали воопшто ќе се формира нова влада во Бугарија до крајот на јуни, а и да се формира, прашање е дали ќе отстапи од своите позиции дотогаш. Не очекувам дека некој дополнителен притисок или напор од ЕУ ќе биде доволен за Бугарија да се повлече. Исто така, после сите изјави во последниве месеци верувам дека и нашата Влада нема да попушти (како во случајот со Грција) и нема да се согласи на отстапките што ги бара Бугарија. Но, за ова не сум толку сигурен, бидејќи слични изјави слушавме и на изборите во 2016 година, па видовме што се случи и како се погазија тие изборни ветувања со Преспанскиот договор – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Најновата анкета објавена вчера во Бугарија покажува пресврт, односно водат бугарските социјалисти со рејтинг од 28,2 проценти наспроти владејачката ГЕРБ со 25,5 проценти. На третото место е вонпарламентарната „Има таков народ“, предводена од радикалот Слави Трифонов со 15,7 проценти, четврта е ДПС со 9 проценти, а ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов е под цензусот и нема да освои пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот