ПИРОМАНСКА ГРУПА ГИ „ТОПИ“ КОНТЕЈНЕРИТЕ: Прво ги полеваат со бензин, а потоа ги палат

Осум стари и нови контејнери на различни локации во Скопје, запалени во безмалку ист временски период во доцните вечерни часови, претходно полиени со бензин, на полициските иследници им предизвикало сомнение дека не станува збор за чиста случајност.

Станува збор за запалени контејнери во скопската населба Ново Лисиче и во Ѓорче Петров. Дел од запалените контејнери се од најновите кои ги купи Град Скопје и секој поединечно чини околу 1.500 евра. Запалени се и пластичните познати зелени „ѕвона“ контејнери во кои се одлага и стаклен отпад. Од нив, два контејнери биле од новите и биле поставени пред неполн месец во населбата Ѓорче Петров, а останатите шест кои биле запалени во населбата Ново Лисиче биле пластични. Од огнот биле оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените контејнери за отпад.

Ваков инцидент се случи и изминатиот викенд, кога во скопската населба Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет исто така за селекција на стакло. Претходно, еден нов контејнер беше опожарен и на улицата „Франклин Рузвелт“. Од јануари до септември годинава низ Скопје се запалени и уништени 66 контејнери за фрлање ѓубре.

Безбројните реакции во јавноста, но и на „Комунална хигиена“ и Град Скопје е насочена кон скопската полиција, чија истрага барем засега никако да резултира со откривање на групата која стои зад пироманските походи низ Скопје. Од полицијата велат дека интензивно се работи на расветлување на овие настани и дека секоја информација од граѓаните за нив е добредојдена.

Соговорниците од скопската полиција велат дека нивните сознанија говорат дека најверојатно пожарите се подметнати од жители на населбите каде се сторени делата, односно жители на Ново Лисиче, Радишани и Ѓорче Петров.

Полицијата се сомнева дека ова е дело на лица на возраст од 17 до 25 години, кои, користејќи запаллива течност, полиле бензин врз контејнерите внатре и надвор од предната страна од каде што се отвара капакот, а потоа со запалка ги предизвикале пожарите.

Од полицијата нагласуваат дека сторителите, очигледно, не размислувале за последиците. Тврдат дека тие што ќе бидат откриени дека се подметнувачи, не само што ќе бидат законски гонети, доколку се утврди дека станува збор за организирана група, туку некој сигурно ќе одговара за „предизвикување на општа опасност“, а некои е можно да „кркаат“ и пријави од сопствениците на возилата кои беа оштетени од запалените контејнери.

Јавноста на социјалните мрежи бара полицијата да ги открие пироманите, а судот остро да ги санкционира за да се спречи поголемо зло пред ваквиот хаос да стане наше секојдневие.

Од Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

„Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти“, апелираат градските власти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот