Пироманите од Буково секогаш чекор пред охридската полиција

Шаторот на пироманите од депонијата Буково/Фото: О2 Иницијатива

Државата неуспешно се справува со дивите собирачи на отпад го палат ѓубрето на охридската депонија Буково во потрага по метал кој потоа го препродаваат на откупувачите на старо железо. Се работи за неколку лица кои нелегално престојуваат на депонијата, имаат изградено и живеалишта среде ѓубрето и одбиваат да си заминат дури и кога интервенира полицијата.

Според информациите кои „Слободен Печат“ ги доби деновиве, се работи за лица по потекло од битолско и ресенско кои нелегално селектираат отпад, меѓу кои има и деца. По неколкуте инциденти со пожари на охридската депонија Буково, поради кои со денови се ширеше несносна смрдеа и чад, интервенирале екипи на СВР Охрид .

Притоа „биле затекнати лица од други подрачја кои доаѓаат со возила со цел собирање на железни отпадни предмети, кои биле отстранети и предупредени. Во периодот јуни-август 2021 година во СВР Охрид се пријавени неколку пожари на депонијата, кои со интервенција на вработени во ЈП „Комуналец“ – Охрид или Територијалната противпожарна единица Охрид биле изгаснати и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираат од Министерството за внатрешни работи. Се додава и дека СВР Охрид презема плански зајакнати мерки за контрола на движење на лица и возила на наведената депонија.

Сепак, бизнисот со старото железо од охридската депонија веројатно е толку вносен што само неколку часа откако полицијата ќе ги избрка, овие лица повторно се враќат назад. „Не поминува ниту еден час откако ќе интервенира полицијата, а тие се повторно таму, во ѓубрето“, вели директорот на охридското јавно комунално претпријатие, Љупчо Грданоски. Тој смета дека се неопходни поригорозни мерки од опомени и бркања на тие лица бидејќи, очигледно не се постигнува целта. „Освен што го палат отпадот кој потоа загадува, овие лица предизвикуваат општа опасност бидејќи пожарот многу лесно може да се прошири на околната шума и да се направи огромна штета“, вели Грданоски.

Моментално, охридската депонија има чуварска служба, но таа не е заштитена од неовластено влегување, со ограда или видео-надзор, и на неа слободно се влегува од повеќе места, преку шумски патишта кои ги користат и дрвокрадците. Решението, велат од јавното претпријатие, е единствено дислокација на депонијата. „Најсреќен ќе е оној директор на претпријатиево, во чијшто мандат ќе се случи затворање на Буково“, вели Грданоски.

Јавното претпријатие од Државниот Инспекторат за животна средина е казнето со 6.000 евра, а директорот е казнет со 800 евра за пожарите на депонијата Буково.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот