Пирло за помошник во Јувентус сака легенда на Милан
Новиот тренер на „старата дама“ смета најголем проблем на екипата е одбраната.
Андреа Пирло започна да го составува стручниот штаб кој ќе му помага во тренерското деби на клупата на актуелниот италијански шампион Јувентус. Веќе се познати двајца помошници, Игор Тудор кој го напушта Хајдук Сплит и Роберто Баронио, а интересно е што повик доби и легенда на Милан, Алесандро Неста.
Фросиноне чиј тренер е Неста не успеа да обезбеди пласман во Серија А откако во баражот поуспешна беше Специа, по што поранешниот дефанзивец на Милан по втор пат губи во баражите. Претходно на дофат до Серија А беше и со Перуџа.
Неста најверојатно нема да остане во Фросиноне и според италијанските медиуми тој е многу блиску до донесување одлука да ја прифати понудата на Пирло со кого девет години беа соиграчи во Милан.
Пирло има план да ја подобри играта во одбраната, смета дека тој дел од играта е најголем проблем за „старата дама“ и затоа во стручниот штаб сака да има двајца дефанзивци, Тудор и Неста.
Новиот тренер на Јувентус смета дека се тргнува од одбраната која е една од најдобрите во Серија А но во минатата сезона имаше чести падови на концентрацијата кои резултатираа со доста примени голови.