Пијанистот Дино Имери и квартетот „Такси Конзилиум“ ќе настапат на фестивалот „Крај Вардарот џез“

Во рамките на последната фестивалска вечер од второто издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ на 6 октомври, во 20 часот, во кино „Фросина“ во МКЦ, ќе настапат квартетот „Такси Конзилиум“, а веднаш по нив, Дино Имери, еден од најдобрите надоаѓачки композитори и пијанисти на современа класична музика кај нас, кој ќе настапи соло на пијано.

Групата „Такси Конзилиум“ е квартет на еден од македонските водечки џез гитаристи, Филип Букршлиев. Албумот „The Essential Sunday Gloom“ во издание на „ПМГ Џез“ е прогласен за џез албум на месецот на „Бенд Кемп“, каде што извонредно проаѓа.

Во „Такси Конзилиум“, освен него, членуваат уште неколку извонредни млади музичари: Андреа Мирческа на контрабас, Драган Теодосиев на тапани и Благојче Томевски на кларинет. Нивниот звук е цврст и модерен, небаре излезен од некој „катинг еџ“ њујоршки џез-клуб.

Такси Конзилиум

Пијанистот Дино Имери веќе го издаде и го промовираше авторскиот компакт-диск со наслов „Reflections“ за „ПМГ Џез“. Неговиот развој како композитор на современа класична музика е поврзан со оваа дискографска куќа, за која во моментов подготвува ново издание. На последната вечер на второто издание на „Крај Вардарот Џез“ Имери ќе настапи соло на пијано.

Дино Имери / Фотографија: Владо Србиновски

„Крај Вардарот Џез“ е годишен фестивал на дискографската куќа „ПМГ Џез“. Овој фестивал е логична последица на работата на издавачката куќа, која успеа за само три години да издаде 30 висококвалитени изданија, да внесе раздвиженост на џез-сцената и да потикне нов бран артисти.

Минатата година беше реализирано првото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, кое беше еден од најзабележителните и најквалитетни музички настани во земјата за 2020та. И покрај специфичните пандемиски услови, фестивалот остави силен впечаток кај публиката и критиката, но и аманет за продолжување на добрата работа.

Концертот во МКЦ ќе се одржи според актуелните владини мерки во услови на пандемија, посочуваат организаторите на фестивалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот