Петиција за бесплатен оброк за секој ученик – 10.000 деца живеат во сиромаштија

Фото: Pexel

Група млади активисти од повеќе градови во земјава, со поддршка од Здружението за едукативен развој Еквалис минатиот месец започнаа онлајн петиција со која бараат Министерството за образование и наука да обезбеди бесплатен оброк за учениците од основните и средните училишта. Од МОН за „Слободен печат“ велат дека работат на креирање на нова формула за финансирање на основното образование, а отворена е и дискусија преку овој нов начин да бидат финансирани и трошоците за оброк за основците.

Со петицијата се бара да биде обезбеден дневен оброк за секој ученик од прво до деветто одделение во основните училишта и за секој ученик од прва до четврта година во средните училишта на територијата на целата државата.

Од МОН бараат да обезбедат договор со Министерствата за финансии и локална самоуправа преку кој ќе се резервираат финансиски средства за бесплатен оброк за сите ученици, како и да се задолжат локалните самоуправи на секоја општина да го организираат и спроведат обезбедувањето бесплатен оброк за секој ученик

Слободен печат го контактираше Министерството за образование и наука и ги прашавме кој е нивниот став и дали оваа мерка е изводлива и како ќе влијае врз Буџетот.

Заедно со УНИЦЕФ, Светска банка, ЗЕЛС и општините работиме на креирање нова формула за финансирање на основното образование преку која ќе се обезбедат доволно финансиски ресурси за да се исполнат образовните стандарди во училиштата, ќе се зајакнат ефикасноста и резултатите од трошењето на средствата и ќе се осигури дека распределбата на средствата за општините и училиштата се заснова на објективни критериуми и е правична – појаснуваат од Министерството.

Тие додаваат дека отворена е дискусија за тоа трошоците за оброк за учениците да бидат финансирани преку овој нов начина на финансирање на основното образование.

Но, сепак, конечната одлука ќе зависи од мислењето на сите страни кои се дел од процесот на дефинирање на новата формула, а особено од буџетските можности. За крајниот исход јавноста ќе биде известена – додаваат од МОН.

Според истражувањата, во 2022 година секое трето дете не добивало ниту еден здрав и квалитетен оброк во текот на денот.

Во семејства со три или повеќе деца, речиси половина од децата немаат ниту еден здрав оброк во текот на еден ден. Ова значи дека речиси половина од децата во нашата држава постојано гладуваат или се хранат нездраво и недоволно, како резултат на сиромаштијата и економската криза.

Од Еквалис велат дека веќе е неопходно да се воведе бесплатен оброк за учениците во земјава земајќи ја предвид анализата на УНИЦЕФ и аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата поради кризата со храна и енергија.

Воведувањето бесплатен оброк за секој ученик, додаваат дека ќе влијае врз подобрување на академскиот успех на учениците, врз намалување на сиромаштијата во државата и врз мотивација на младите да останат да живеат и работат во државата.

Според УНИЦЕФ воведувањето на програма за бесплатен оброк за учениците, ќе го подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците и да се влијае врз намалување на сиромаштијата.

Петицијата досега ја потпишале 4,809 луѓе, а целта е да се соберат 5.000 потписи, а достапна е на следниот линк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот