Пет средношколски тимови ќе добијат по 120.000 денари за реализирање на иновативни решенија за заштита на почвата

Фото: УНИЦЕФ

Во рамки на програмата „Апшифт“, пет групи составени од млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари за да ги остварат иновативните решенија за подобрување и заштита на почвените ресурси во заедницата и да се приспособат на последиците од климатските промени.

Програмата вклучуваше учество на десет средношколски тимови од Скопје, Тетово, Кочани, Штип, Делчево, Битола и Долнени учествуваа во тридневната работилница за осмислување дизајн. Под водство на менторите и професорите, сите тимови имаа можност да ги развијат идеите и да се стекнат со нови практични вештини.

Петте најдобри тимови, кои добија почетен капитал за да ги спроведат идеите, се: тимот од стручното училиште „Панче Арсовски“ од Скопје за идеја за изработка на мобилен стакленик, тимот од стручното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје ќе произведува биохумус преку одгледување калифорниски црви и употреба на органско ѓубриво и растителен отпаден материјал, тимот од стручното училиште „Методи Митевски Брицо“ од Делчево ќе проектираат автоматизирана машина за прочистување почва со термално третирање при што се уништуваат штетните метали.

Тимот од средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани ќе направи подвижен уред со сензори за детекција на метали во отпадните води што ја загадуваат почвата, а тимот од средното училиште „Кузман Шапкарев“ од Битола ќе направи органска градина за одгледување зачини и лековити тревки кои потоа ќе се користат за производство на чаеви.

Следните три месеци тимовите ќе бидат поддржани од менторите за да ги спроведат идеите.

Како што соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ, последните пет циклуси на програмата „Апшифт“ беа фокусирани на младински решенија за еколошки предизвици и над 250 млади луѓе учествуваа во овие тематски циклуси на „Апшифт“, спроведени со поддршка на Шведска и во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој.

Програмата ја финансира Шведска, ја спроведуваат УНИЦЕФ и здружението LEAD во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, а е поддржана од министерствата за животната средина, за образование и наука и за труд и социјална политика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот