Пендаровски негира дека службената белешка за Камчев протекла од неговиот кабинет

Фото: СП. / Драган Митрески

Шефот на државата Стево Пендаровски, е загрижен што службената белешка со назнака „строго доверливо“ од Агенцијата за национална безбедност, по која на бизнисменот Орце Камчев доби притвор, протекла во јавност.

За лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, не е ништо чудно што документот протекол од институциите. Пендаровски одби да ја коментира содржината, а пак, Мицкоски, кажа дека од неа се гледа дека Заев се пресметува со бизнисменот Камчев и затоа му е одреден притвор. Претседателот на државата кажа дека белешката не протекла од кај него, иако ја имал во неговиот кабинет.

„Службената белешка од АНБ, не можам да ја коментирам содржински. Јасно е од кои причини, има постапка и додека не заврши со правосилна судска пресуда, како граѓанин и политичар не би смеел да коментирам, бидејќи е мешање во судството. Инаку, јас сум еден од неколкумината корисници во државното раководство кој ја доби таа белешка на времето и можам да ви кажам дека примерокот кој е објавен, по интерната истрага, не е излезена од мојот кабинет, ниту од службите под моја директна надлежност. Тоа ми е драго, но не ми е драго, што такви високо класифицирани документи, независно од нивната содржина, излегуваат во јавност. Истрагата треба да покаже како е можно при прилично лимитиран број на државни субјекти во сферата на судството и државно раководство, како е воопшто излезен тој документ. Ние сме една година членови на НАТО, многу ни е важно тие информации да ги читаат само оние за кои се наменети“, рече Пендаровски.

Мицкоски за службената белешка рече дека ако вака ни протекуваат документи од АНБ, тогаш многу брзо ќе го изгубиме државниот суверенитет.

„Не е првпат да политички неистомисленици на Зоран Заев со половина лист хартија напишан на рака, бидат ставани во притвор или затвор. Затоа не ме чуди, ова што протече. Очекувам тоа што се додека Зоран Заев таму каде што е, секој неистомисленик кој што не клима со главата, не коленичи, не моли, како многумина, како што е последниот случај, еве овој бизнисмен. Тоа што протекуваат документи од државните институции, за тоа треба да се позанимаваат државните институции и луѓето кои што ги раководат тие институции. Треба кон некои од нив да има некакви консеквенции, бидејќи ако вака на нас ни истекуваат документи од АНБ или други витални институции, тогаш ние многу брзо ќе го изгубиме суверенитетот врз државата“, посочи Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот