Пелетите ги горат паричниците и ги затнуваат печките: Розовата еколошка приказна не се покажа најефикасна
Со години се субвенционираа печките на пелети. Сега една вреќа чини од 310 до 360 денари, а во студени денови за загревање на 120 квадрати може да отидат и една и пол до две вреќи дневно. Кога почна субвенционирањето, една вреќа чинеше 160 денари. Сопствениците на печките велат дека е мачно и чистењето. Некои се откажаа, но некои тврдат дека тоа сè уште е добра опција за поголема куќа
Печките на пелети сè уште ја брануваат јавноста. На социјалните мрежи граѓани сè уште реагираат дека се чувствуваа измамено со субвенциите што ги добиле од државата за печките и дека сегашниот есап им е многу поголем од она што планирале кога ги купувале печките. Постојат и многубројни реакции за квалитетот на пелетите, за начинот на одржување на печките. Дел од граѓаните велат и дека се откажале од ваквиот начин на греење, но сепак има и такви што кажуваат дека им е топло и поевтино отколку со струја затоа што загреваат поголем простор, а и научиле кога е најевтино да се купи и кои пелети се квалитетни.
Препорачано
Цените на пелетие продолжуваат да растат, а скопјанката Снежана Ѓиевска јавно прашува дали веќе е одржливо греењето на пелети.
– Во периодот од 2014 до 2019 година многу домаќинства преминаа на греење на печки на пелети, наметнато со мотивирачки пораки дека тоа е поеколошки и поодговорен начин на греење, што значеше сериозни инвестиции во печки и инсталации на систем на греење со радијатори што чинеа илјадници евра. Цената тогаш беше 169 до 189 денари за вреќа од 15 килограми во зависност од класата и типот на отпадокот бука, даб или иглолисно дрво, односно дали А1 или А2 класа на пелети. Денес, многу години подоцна, пазарот е нестабилен, квалитетот е дискутабилен, добрите пелети се ретки, а цената за само две недели порасна од 310 на 365 денари по вреќа. Во најладните денови еден дом до 120 квадрати троши и до вреќа и пол дневно. Сосема е логично да се постави прашањето дали ваквиот систем е одржлив за едно просечно домаќинство и каде завршија најавите за стабилно домашно производство, бидејќи изгледа дека одговорноста кон природата повторно остана исклучиво на товар на граѓаните!? – вели Ѓиевска.
Субвенционирањето на печките на пелети почна во 2016 година кога Град Скопје одвои околу 100.000 евра за субвенции при купување печки на пелети. Се субвенционираше 70 отсто од вредноста на печката, а најмногу до 30.000 денари. Јавни повици за субвенционирање имаше и во наредните години. Проблемите почна уште првата година, кога имаше многу ниски температури насекаде во регионот, а во Скопје се спуштија и до минус 20 Целзиусови степени. Се јави недостиг на пелети, некои земји од каде што увезувавме, го стопираа извозот за да ги задоволат своите потреби. Тогаш вреќите од 15 килограми „скокнаа“ на 220 денари, а претходната година беа 160 денари. Тогашниот директор на „Македонски шуми“ Жарко Караџовски вети дека јавното претпријатие ќе гради фабрика за пелети.
На социјалните мрежи има и посебни групи за греење на пелети, но таму сè повеќе ги има тие што даваат совети дека тоа е надминат начин на греење и дека постојат многу подобри можности.
– Не зимај котел на пелети. Пелетите секоја година се поскапи и сè поскап ќе бидат. Решението е во топлотна пумпа. Ни чистиш ни вреќи влечеш, ниту се нервираш со цени. Струјата колку е, толку е, а многу се економични пумпите. Послушај паталци. Пелетите една година супер, следната полни со песок и треба да го чистиш котелот секој ден, а може и двапати дневно, бидејќи ќе ти се гасне од згура и од песок што ставаат во нив за да добијат на тежина – напиша Лидија Јорева, која сподели и математика. И таа спомена простор од 120 квадратни метри, каде што за постојано загревање кога е студено требаат и две вреќи.
– Дури и во јуни да ги купиш, под 210 денари нема да најдеш вреќа. Сега сметај – две вреќи по 210 денари се 420, или за 30 дена требаат над 12.000 денари – е споделената математика.
Сепак, еден наш сограѓанин што се загрева на пелети вели дека им ја научил „цаката“.
– Секогаш купувам среде лето за цела зима. Ако купуваш во сезона, вреќа по вреќа е многу скапо. Да, има многу видови со различен квалитет, но јас веќе го стекнав искуството, знам од кого купувам и задоволен сум. Имаме добар македонски производител чиј квалитет не ме изневерил. Имам куќа на две нивоа и насекаде ми е топло. Ваков систем за загревање оправдува поголем простор – ни вели соговорникот.
Во групата за искуства со пелети може да се видат позитивни искуства за бренери на пелети, затоа што, како што велат тие што ги имаат, може да се користи пониска класа не пелети. И овде препораките се за поголеми површини.
Поради постојаните зголемувања на цените на пелети, актуелни станаа и таканаречените пелетарки, за сопствено производство на пелети.
Според Пописот од 2021 година, парно греење со сопствена инсталација на пелети имаат 22.261 домаќинство, а 10.628 домаќинства имаат печка на пелети.


