Партнерство наместо членство на Македонија во ЕУ!?
Секој обид да се протне алтернативно решение кое не значи полноправно членство на Македонија во Европската Унија, всушност претставува популистичко, недифинирано и за нас крајно неприфатливо сценарио. Ова го тврдат дел од политичките аналитичари откако деновиве од Брисел протекоа информации дека е повторно во игра старата идеја за формирање привилегирано партнерство, односно членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ да се замени со членство во таканаречената Европска економска зона.
Препорачано
Дел од домашните експерти се противат на ваквите алтернативи и сметаат дека тие би нè вовлекле во недeфинирани цели на големите сили што можат да му наштетат на нашиот децениски изграден курс за полноправно членство во Унијата. Од друга страна, не е мал бројот и на аналитичарите што посочуваат оти алтернативните решенија всушност не се лоша идеја. Тие сметаат дека земјава треба да прифати нешто отколку да остане без ништо. Од проста причина што Македонија како мала земја нема сила да им се спротивстави на одлуките што ќе ги донесе ЕУ.
„Мачкање очи“
Денко Малески, прв министер за надворешни работи во самостојна Македонија и актуелен советник во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, вели дека земјава не смее да се откаже од својата стратешка цел и дека таа треба да се бори сè додека постојат и најмали шанси за добивање датум за преговори со ЕУ.
– Со оглед на големата поддршка што ја имаме од членките на ЕУ за отпочнување на преговорите за полноправно членство, сметам дека нашата земја мора да ги исцрпи сите можности за да си ја оствари целта. И порано ни се нудеа разни алтернативни решенија, но ние никогаш не ги прифаќавме тие понуди од проста причина што не сакавме да отстапиме од нашата главна стратешка цел. Се разбира, треба да се има предвид дека овој пат одлуката нема да биде наша и дека тоа ќе биде сепак одлука на самата Европска Унија. Сепак, без битка не би требало да се повлечеме од таа идеја. Гледаме дека поддршката е голема, но исто така голема е и критиката што ја испрати Франција. Македонската политика мора да ги исцрпи сите средства за да ја оствари својата цел, но и да ја искористи состојбата во Унијата каде што има огромна критика кон ветото на францускиот претседател – објаснува Малески.
Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, сите алтернативни решенија од Брисел за Македонија претставуваат класично „мачкање очи“ со цел да не опадне ентузијазмот во земјава по одлуката да не ѝ се додели датум за преговори.
– Ние за ништо не се прашуваме, а и ништо нема да ни биде понудено. Глупаво е да преговараме за нешто што било ветено, а не било исполнето. Уште поглупаво е да зборуваме за алтернативни решенија, бидејќи тоа значи дека ни се нудат само ронките од ветеното чоколадо – вели Пекевски.
Подобро нешто, отколку ништо
Директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека алтернативните решенија што би ги понудила Европа всушност не претставуваат лоша идеја. Водејќи се од народната „подобро нешто, отколку ништо“, Кржаловски смета дека земјава треба да го прифати тоа што ќе ѝ се стави на маса.
– Ако Франција запне дека подолго време нема да има проширување на Унијата, тогаш тоа е алтернативата. Иако кај нас сите партии со консензус ја реафирмираа заложбата за европскиот пат како единствен и сите заедно ја отфрлија варијантата за некакви други решенија. Арно ама, кога ќе нема друго на маса, тогаш што ќе биде нашата опција? – објаснува Кржаловски.
Тој додава дека во земјава допрва треба да се отвори дебатата дали навистина сакаме во ЕУ, особено ако не се нуди веќе тоа што се нудеше, туку се нуди некоја полабава форма.
– Ако навистина не се случи поместување до самитот во Загреб или таму стане очигледно дека едноставно немаме друга опција, особено ако се усогласиме дека ЕУ ни е единствената опција, тогаш ќе мора да прифатиме. Исто како што го прифативме Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Со консензусот е така. Останува да видиме колку Макрон ќе опстане на неговата идеја и дали евентуален притисок од сите земји ќе го разубеди барем да почнат преговорите со нас и со Албанија, а ако не го предомислат, тогаш ќе мора да одиме на план „Б“ и да го прифатиме тоа што сега се нуди, што и да е – истакна Кржаловски.
Но, претставниците на државниот врв – претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев – засега уверуваат дека за земјава не постои друга алтернатива од членството во ЕУ и дека на тој пат нема алтернативни решенија.
Пендаровски: Да не се залажуваме со посебни партнерства
Се појавија разни идеи како Македонија и останатите земји од Западниот Балкан да не станат полноправни членки на Европската Унија, туку со нив би било направено специјално партнерство со Брисел. Такво нешто е целосно неприфатливо, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски.
– Тоа не е членство. Ние не можеме да се залажуваме со посебни партнерства. Нам Европа ни е потребна поради вредности, не ни треба само поради пазарот. Со вакви алтернативни форми на усојузување ние не можеме да просперираме – истакна Пендаровски.
Тој додаде дека Македонија не ѝ е сосед на Европа, туку дека и самата е Европа, структурно, географски и институционално.
– Се споменуваше дека ние сме дел од некакво соседство, но соседството во однос на Европската Унија е друго. Соседи на Европската Унија се централноазиските или северноафриканските држави. Ние не сме соседи, ние сме структурно и географски, но и институционално дел од Европа – изјави Пендаровски.


