Партиите ЗНАМ и НСДП ќе ги презентираат кандидатите за пратеници и носителите на листи

Стево Пендаровски - годишно обраќање во собранието на РСМ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, денеска во Скопје ќе одржи Конвенција на која ќе ги претстави носителите на листите за следните парламентарни избори во сите шест изборни единици. На Конвенцијата ќе се обрати и кандидатот за претседател на државата, Максим Димитиревски.

Претходно, со акламација на седницата на Извршниот, а потоа и на седницата на Централниот одбор биле утврдени носителите на листите во сите шест изборни единици за претстојните парламентарни избори.

Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ.

Носител во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП „Чистота и зеленило“ во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град, а носител на листата во Изборната единица 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки.

Во ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица, додека, во петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, по професија психолог.

За носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски, правник и претседател на ОО на ЗНАМ во Тетово.

Нова социјалдемократска партија-НСДП денеска од 13 часот во хотел „Хилтон“ ќе го одржи шестиот Конгрес на кој ќе бидат утврдени кандидатите за пратеници за претстојните парламентарни избори.

На свечениот дел од конгресот ќе биде промовиран кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а покрај него, ќе говорат и претседателот на НСДП, Горан Мисовски и лидерот на Европската коалиција и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Во рамките на Конгресот ќе се одбележат и 18 години од формирањето на младинската организација на НСДП, Нова социјалдемократска младина (НСДМ).

На работниот дел од Конгресот ќе бидат утврдени кандидатите за пратеници од НСДП за изборите во мај 2024 година, на коалиционите листи на Европската коалиција предводена од СДСМ. Исто така, ќе бидат утврдени и стратешките програмски приоритети на НСДП за периодот 2024-2028.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот