Основно јавно обвинителство - зграда / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Партиите вријат за можната дестабилизација, а надлежните спијат

Надлежните институции веднаш можат да ја решат дилемата дали навистина ДУИ планира со насилни протести да ја дестабилизира државата наесен или премиерот Христијан Мицкоски со ваквите предупредувања сака да го одвлече фокусот на јавноста од потезите на новата влада, но ниту Јавното обвинителство ниту претседателката Гордана Сиљановска Давкова не се огласуваат на темата

Надлежните институции веднаш можат да ја решат дилемата дали навистина ДУИ планира со насилни протести да ја дестабилизира државата наесен или премиерот Христијан Мицкоски со ваквите предупредувања сака да го одвлече фокусот на јавноста од потезите на новата влада, но ниту Јавното обвинителство ниту претседателката Гордана Сиљановска Давкова не се огласуваат на темата. Од ЈО денеска не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ дали преземаат некакви активности по изнесените предупредувања на премиерот, а од Кабинетот на Сиљановска-Давкова не одговорија дали претседателката ги има истите информации за дестабилизација како премиерот, кој е нејзиниот став и дали планира да го свика наскоро Советот за безбедност во врска со овие најави кои внесуваат силна вознемиреност кај граѓаните.

Некој треба да ни соопшти дали треба да сме навистина загрижени

Според аналитичарот Александар Стојановски од „Евротинк“, кој е експерт за безбедноста и човековите права, не може да се игнорираат предупредувањата на премиерот Мицкоски, туку треба сериозно да се сфатат и надлежните да реагираат согласно своите ингеренции.

– Прашање е дали овие предупредувања се сериозни или се со цел да добијат публицитет и да го земат фокусот на јавноста. Време е Советот за безбедност, во кој членуваат претседателот, премиерот, надлежните министри и другите органи од безбедносниот апарат да се состане, да се разговара, да се изнесе на маса дали има месо, дали има супстанца во овие сериозни изјави и предупредувања. Надлежните ги имаат сите ресурси да одговорат дали и колку има вистина во она што е изнесено деновиве во јавноста. Некој треба да излезе и да им го соопшти тоа на граѓаните. Дали има причини за загриженост или нема и што понатаму? Доколку се покажат како точни информациите, има други институции кои тоа треба да го истражат и процесираат, Јавно обвинителство, Агенција за национална безбедност, посебни истражни мерки, траги на комуникациите, движењето на парите итн – вели Стојановски за „Слободен печат“.

Александар Стојановски

Тој додава дека ова е сериозна работа и не треба да се забошоти, туку институциите надлежни за безбедноста треба да ја истераат до крај. Не треба, додава, како што се правеше досега, да се потиснуваат во заборав проблемите кои потоа наново искрснуваат, како што е сега ситуацијата со пожарите и истите проблеми со недостиг на авиони, пожарникари и опрема. И ситуацијата со пожарите, вели Стојановски, има силен психолошки ефект кај граѓаните, проблемот има и безбедносен аспект, а паралелата може да се направи и со односот со здравствената криза.

Во врска со лошата и ниска партиска реторика Стојановски вели дека кај нас таа години е нарушена и вжештена и не е изненадување што до денес е така.

– Да се сетиме само како помина процесот на падот на претходата власт на ВМРО-ДПМНЕ и како тогаш ја предадоа власта, што беше најавено со ноќи на долгите ножеви и слични изјави. Следната политичка елита немаше содветен одговор и разрешници на претходните кризи и следствено, секогаш има вжештена ретоорика. Ние сме заложници на лош изборен систем, кога сме оставено да избираме помеѓу две зла. На пример, зошто Мицкоски сега ги повикува ЈО да реагираат, а им ги скрати парите во буџетот? Ова е еден вид психолошка игра со цел да се заматат другите политички процеси. Затоа, ако се состане Советот на безбедност и донесе став сите ние ќе знаеме дали некого јасно и гласно треба да го повикуваме на одговорност или Мицкоски пушта чадни бомби среде лето – вели Стојановски за „Слободен печат“.

СДСМ: ЈО да го повика Мицкоски на сослушување

Опозициската СДСМ денеска побара Сиљановска-Давкова да го свика Советот за безбедност, „ако е воопшто конституиран“, а Обвинителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување.

Мицкоски молчи на повиците на СДСМ и претседателот Венко Филипче да ги објави наводните информации за дестабилизација на државата од страна на политичка партија. Ако Мицкоски поседува информации тој е должен итно да ги информира институциите, зошто тоа не го прави? Премиер кој кажува дека има информации за нарушување на безбедносната состојба и мирот во земјата, а ништо не презема околу тоа, е директен соучесник на евентуално сценарио – рече денеска портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Богданка Кузеска

Доколку тоа го прави само за да ги заплаши граѓаните и да манипулира со нивните чувства обидувајќи се да ја смени темата од скандалите кои ја следат неговата влада, тогаш станува збор за човек кој му мисли лошо на својот народ, додаде Кузеска.

– Секоја најава за дестабилизација значи грч за граѓаните, грч за економијата, страв и тензија во општеството. Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира – рече партиската портпаролка.

Филипче вчеравечер исто така го повика премиерот Мицкоски итно да ги сподели информациите за можна дестабилизација со надлежните институции.

– Во спротивно тој е соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес. Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи – објави Филипче на Фејсбук и додаде дека како лидер на одговорна партија секогаш се спротивставува на какви било форми на дестабилизација.

Граѓаните вознемирени, ВМРО-ДПМНЕ арогантна!

Премиерот Мицкоски деновиве во интервју за „Фокус“ рече дека ДУИ сака да си го одбрани капиталот стекнат во изминативе 20 години на власт, но не се исклучува можноста некои групи да бидат изманипулирани и да го предизвикаат територијалниот интегритет и суверенитет. Истото предупредување го повтори и вчера и додаде дека располагаат со информации добиени од повеќе канали.

– Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритет, како и мирот на граѓаните. Тоа практично е и целта на една држава. Очекуваме тоа да се случи оваа есен, врз основа на тие информации коишто ги имаме, но да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или информациите нема да бидат точни – рече Мицкоски.

Од ДУИ веднаш му возвратија дека ќе ги преземат сите демократски мерки за да го спречат понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку „наметнување на вазали“ и порачаа дека тие се гарант на мирот.

– ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата. Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија – соопшти ДУИ, но не го повикаа ЈО да ја расчисти ситуацијата, туку побараа меѓународен фактор да ги провери сите политичари.

Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, партијата „Вреди“ нема информации какви што споделува премиерот.

– Немам информации за каква дестабилизација и со какви информации располага премиерот. Доколку има информации, има Јавно обвинителство – рече денеска пратеникот Беким Сали од „Вреди“.

Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, наместо да даде повеќе одговори на вознемирената јавност, денеска на новинарско прашање за најавите за дестабилизација го повтори изнесеното во партиското соопштение.

– Дали СДС и ДУИ заедно го спремаат планот за дестабилизација на државата од есен? Филипче потрча со статус на Фејсбук да си ја тргне мувата од капата, но џабе, и малите деца знаат дека СДС е помалиот брат на ДУИ. Сите криминали кои ги правеше ДУИ нема да беа возможни без СДС. СДС да кажат што планираат со ДУИ и дали целта е да се заштитат од одговорност за сторените криминали и ограбената држава? И СДС и ДУИ треба да знаат дека насилство и безредие нема да им помогне, напротив и за тоа ќе треба да одговараат и да се соочат со последиците на сопствените дејствија – рече Петрушевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот