Борут Пахор
Борут Пахор/ Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Пахор: ЕУ е одговорот на сите прашања што го мачат Западен Балкан

Претседателот на Словенија, Борут Пахор, денеска на панел дебатата за Западен Балкан на Безбедносната конференција во Минхен изјави дека ЕУ е одговорот на сите прашања што го мачат овој регион.

Како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, Пахор истакна дека треба да се интензивира процесот на проширување на ЕУ и предупреди на потценување на ситуацијата во регионот.

Тој рече дека постојат одредени загрижувачки процеси кои треба брзо да се воочат и да се решат, пренесе агенцијата СТА.

Словенечкиот претседател идентификуваше три главни проблематични прашања во моментов – ситуацијата во Босна и Херцеговина, запрениот дијалог Белград-Приштина и блокирањето на преговорите за пристап на Северна Македонија во ЕУ од страна на Бугарија.

Пахор го поддржа Отворениот Балкан, иницијатива покрената од Србија, Албанија и Северна Македонија во обид да се воспостави слободен проток на луѓе, капитал и стоки како во Шенген зоната, но рече дека тоа не е и не треба да биде алтернатива на ЕУ.

Тој смета дека на иницијативата би можеле да се приклучат и други земји од регионот, оценувајќи го тоа како начин за натамошна соработка во регионот.

На дебатата учествуваа и косовската претседателка Вјоса Османи, министерката за надворешни работи на БиХ Бисера Турковиќ, шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина Мирослав Лајчак и високиот претставник за Босна и Херцеговина Кристијан Шмит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот