Пациентите со епилепсија во паника, се враќаат на постара генерација на лекови

лекови

Лекарите и Министерството за здравство смируваат дека лековите кои ги има на располагање се исто така ефикасни, како и оние кои ги нема.

Пациентите кои боледуваат од епилепсија реагираат дека неколку месеци не можат во аптеките да ја најдат неопходната терапија. Замена има но таа е од постара генерација.

-Во рок од три дена имам поминато 24 аптеки, еден лекар специјалист невролог и еден матичен лекар. Станува збор за процедура што ја поминувам скоро секој месец во потрага по дефицитарниот лек оксалепт за третирање на епилепсија. Лековите од типот на тегретол, окскарбамазепин и трилептал се дефицитарни со месеци. Што тоа значи? Значи дека треба да се претргнеме од барање за да добиеме лек без кој ние како лица со епилепсија не можеме да живееме – се жали на социјалните мрежи граѓанинот Ангел Димитриевски.

Тој ги опишува маките на лицата кои имаат проблеми со дефицитарните лекови:

-Тукушто се враќам од кај лекарка која ми кажа дека има луѓе што воопшто не можат да ги најдат лековите и веќе имаат дневно епилептични напади поради тоа. Па, јас сега се обвинувам како може да јас немам време да се заангажирам со медиумите за ова, да напишам нешто, да помогнам да се слушне за сето ова. Во суштина навистина немам време. Значи, јас кога секое пакетче на лекови ќе ми дојде при крај, цел град го поминувам секој ден по аптеки барам лекови, се јавувам по други градови каде што би можеле да имаат лекови, па спремен сум да тргнам уште истиот ден во друг град, се јавувам по веледрогерии, по невролози и што ли уште не. Ова е дневна борба на лицата со епилепсија. Во основата на појава на епилептичните напади е стресот, барем од моето искуство. Ова е една толку стресна и грчевита состојба, состојба на непредвиливост во којашто не знаете како ќе завршите со потрага по нешто без коешто не можете да живеете – опишува Димитриевски.

Живеењето, продолжува тој, во помисла дека имате само 2 или 3 таблети во вашиот дом е една толку стресна состојба што дополнително ги влошува нашите состојби.
Од Министерството за здравство објаснуваат дека лекот за кој реагираат пациентите не се произведува, поради што и го нема.

-Производител е израелската фабрика Тева, но таа не го произведува поради тоа и дистрибутерот не може да го дистрибуира. Но пациентите се содветно покриени со други лекови за епилепсија кои ги има во аптеките. Пациентите е потребно да се јават кај своите матични лекари и невролози и да побараат промена на терапијата – објаснуваат од Министерството за здравство.

Директорот на Клиниката за неврологија Иван Барбов вели дека за лековите што ги нема има замена со други лекови кои се исто така ефикасни.

-Замената е постара генерација, но таа е златен стандард за многу видови на епилепсија, така што пациентите нема потреба да се плашат, болеста ќе ја контролираат и со друг лек – вели Барбов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот