Отворен првиот Музеј на среќата во светот: Среќата се појавува во најразлични аспекти во нашиот живот

„Музејот на среќата“, кој неодамна беше отворен во Копенхаген, се занимава со темата среќа, вистински и лажни насмевки, како и други филозофски прашања, а целта поради кој е отворен е да се покаже дека среќата се појавува во најразлични аспекти во нашиот живот.

Секој човек ова чувство го доживува на различен начин

Среќата е едно од најубавите чувства што може да ги негува човекот, но секој човек ја доживува и ја покажува на различен начин. За жал, постојат и такви луѓе што сметаат дека среќата за нив е недостижна, одбивајќи да веруваат во неа.

Токму затоа, идејата за отворањето на „Музејот на среќата“ е да се препознае ова човечко чувство и да се потсетат посетителите за важноста на нештата и на настаните што ги прават среќни и им носат радост на нивниот свет.

Строги протоколи поради пандемијата

Музејот на среќата беше отворен во подрумот на зграда од 18 век лоциран во стариот дел на градот, а зад овој проект стои Меик Викинг, автор на неколку меѓународни бестселери што се занимаваат со темата среќа.

Официјално вратите на музејот за посетителите беа отворени на 13 јули 2020 година, со строги протоколи поради пандемијата од коронавирусот.

Со моментален максимален капацитет од 50 луѓе, посетителите се поканети да ја истражат среќата од глобална перспектива, што вклучува историски увид за тоа како се развивал концептот на среќа низ вековите и начините на кои различните регионални култури го дефинираат поимот.

Колекција на донирани артефакти

Во музејот има огромна колекција на донирани артефакти што ја претставуваат среќата на луѓето од целиот свет.

На подот во една просторија има паричник полн со пари, кој ги симболизира сите ситуации во кои некој изгубил паричник на улиците низ светот, но потоа некој друг го пронашол и му го вратил.

Постои и дел со мапа на среќа што го покажува нивото на среќа во 153 земји во светот. Според извештајот од оваа година, Данска е на второто место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот