Отворен е конкурсот за годишните награди на ЗНМ

За наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари.

Здружението на новинарите на Македонија традиционално секоја година доделува две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство. Од претходната година, по одлука на Управниот одбор, ЗНМ доделува уште една награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за новинари од внатрешноста на С. Македонија.

За наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Во пријавата, освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, се доставува и образложение за остварувањата на кандидатот, што оставиле посебна трага во македонското новинарство.

Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2019 година во медиумите во С. Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од разни извори на информации. Пријавата може да содржи најмногу два новинарски продукти кои се објавени во текот на минатата година.

За наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2019 година се пријавуваат новинари кои имаат објави во локални или регионални медиуми или се дописници на национални медиуми во државата. Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот новинар или по предлог на тројца колеги. И за оваа награда новинарите може да аплицираат најмногу со два новинарски продукти кои биле објавени во текот на минатата година.

Во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење потребно е да стои функционален линк од објавата, а доколку се доставува во печатена форма материјалот треба да биде испечатен или снимен на ЦД или УСБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот