Откриено можно решение за потешките случаи на ковид-19

Откритието на тимот од њујоршката болница „Маунт Синај“ би можело да помогне во решавање на големиот проблем со кој се соочуваат лекарите низ светот во лекувањето на заболените од коронавирусот – создавањето крвни згрутчувања, кои ги комплицираат тешките форми на болеста, која и онака е тешка за лекување.

Тимот објави дека продолжува со истражувањето на дејствувањето на антикоагулантите за да открие кој од нив и во која доза дејствува најдобро.

Њујоршката болница „Маунт Синај“  / април 2020, Менхетн, Њујорк, САД / Фото: EPA-EFE/Alba Vigaray

– Пациентите што примаа антикоагуланти се чувствуваа подобро од оние што не ги примаа. Тоа веќе има импликација. Луѓето, верувам, би требало да се лекуваат со антитромбоцитни лекови – рекол за Си-ен-ен д-р Валентин Фустер, директор на болницата.

Резултатите сѐ уште не се доволно јасни за недвосмислени препораки и тимот напоменува дека е поголема веројатноста дека лековите против згрутчување на крвта ќе им се даваат на потешко заболените од ковид-19.

Во истражувањето биле опфатени повеќе од 27.000 пациенти лекувани во болницата „Маунт Синај“. Од март, на некои пациенти им давале лекови против згрутчување. Тимот систематски проучувал дали терапијата со тие лекови имала поинаков исход и утврдил дека е така – во случај на пациенти што биле на респиратори.

Тие откриле дека починале 29 отсто од пациентите на респиратори кои добиле антикоагуланти, наспроти 63 отсто од оние на респиратори кои починале, а не примале лекови против згрутчувања на крвта.

„Нашето откритие сугерира дека антикоагулантите може да бидат поврзани со подобрувањето на исходите меѓу пациентите заболени од ковид-19“, напишале во објавениот труд.

Д-р. Валентин Фустер / Фото: Mauricio Duenas Castaneda

Д-р Валентин Фустер додава дека создавањето крвни згрутчувања е важен фактор во леталниот исход на заболените од ковид-19. Тоа почнува со создавање на тромбовите во белите дробови, потоа во бубрезите, во срцето и на крајот во мозокот.

Фустер сака да испита дали лековите против згрутчувања може да делуваат кај пациентите што не се хоспитализирани, со оглед на тоа дека се појавуваат загрижувачки случаи на мозочни удари кај лицата помлади од 50 години кај кои не треба да постои ризик од удар, а дополнително е утврдено дека биле заразени со коронавирусот.

Не е познато зошто вирусот предизвикува згрутчувања, но можно е да станува збор за нуспојава на тешки воспалителни реакции поттикнати од вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот