Осуденици на СЈО на СЛОБОДА, Јанева во притвор

Специјалното јавно обвинителство беше формирано откако во прислушуваните разговори кои ги објавуваше СДСМ се поставија индиции за сторен криминал од врвот на поранешната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Но, поголем број од поранешните функционери за кои беа отворени предмети, воопшто не ја почувствуваа затворската атмосфера, бидејќи најдоа начини како да го одбегнат притворот во Шутка, но и извршувањето на затворските казни. Дел од нив, спасот го најдоа во странство, други во Врховниот суд. Но, сите не го изиграа законот. За дел од поранешните функционери, СЈО истрагите не ги преточи во обвинение.

Поранешниот премиер Никола Груевски ниту еднаш не влезе во притвор. Одбегна и да влезе во затвор, откако беше правосилно осуден на двегодишна казна затвор за случајот „Тенк“. Груевски првично лани на 8 ноември требаше да се јави во затвор. Новите жалби за одлагање на казната го пролонгираа рокот до 13 ноември, по што тој избега од Македонија и доби политички азил во Унгарија. Против Груевски има уште четири активни судски процеси – „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“ и нарачката на случајот „шамари во Центар“. По бегството, СЈО формално побара, судот одобри мерка притвор за четирите предмети, но и му се суди во отсуство. Груевски е осомничен нарачател за собраниските инциденти од 27 април 2017 година. Обвинителството за него не поднесе обвинение, бидјеќи ќе чека екстрадиција.

Идентична е ситуацијата и со неговата многу блиска соработничка, поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. За истот случај, набавката на „мерцедесот“ вреден речиси 600.000 евра, таа треба да одлежи четири години затвор. По жалбата, Апелација и ја намали казната, иако првично беше осудена на шест години затвор, кога доби и забрана да го напушти Скопје. Не е надвор од Македонија, но не е ни во затвор. Првично казната и беше одложена до 1 јули, бидејќи бебето немаше наполнето една година. Подоцна, Врховниот суд одлучи Јанкулоска да не оди во затвор, сè додека не се произнесат за нејзиното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот „Тенк“. Додека Јанкулоска е на слобода, највисокиот суд може пресудата да ја потврди, преиначи или да наложи повторно судење.

Кога СДСМ ги пушташе „бомбите“ тврдеше дека се слуша и гласот на поранешниот прв финансиер, Зоран Ставрески. Тој не е седнат на обвинителна клупа за случаи на СЈО, но затоа е осомничен за истрагата „Подарок“, за злоупотреба на државната каса за близу 33 милиони. Според СЈО, Ставрески ја злоупотребил службената должност со уште двајца осомничени кои омозможиле неповолна ситуација за нашата држава во која наместо руската компанија само сме го платиле гасоводот. Ставрески во дел од разговорите говори и за кинеските кредити, а сега еден од случаите е токму за кинеските автопати „Миладиновци – Штип“ и „Кичево Охрид“. Тогаш, на Јанкулоска и рекол:  „Нè тера да направиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат“.

Кирил Божиновски, поранешниот владин генерален секретар, лани во ноември првпат доби притвор за случајот „Титаник“. Тогаш СЈО се сомневаше дека Божиновски ќе избега. На само три дена пред почетокот на новата 2019 година, од Шутка беше однесен во домашен притвор. Сега, Божиновски е на слобода, но не смее да го напушти Скопје, секоја недела се јавува во судот, а одземен му е и пасошот.

Случајот „Рентген“ е против поранешниот министерот за здравство, Никола Тодоров. Тој е единствено осомничен во овој случај за злоупотреба на службената положба. Тодоров целосно се повлече од политиката, дури и како пратеник, рече дека ќе се посвети на адвокатурата.

Пратеникот Илија Димовски е обвинет за случајот за изборни нерегуларности „Титаник“. За него немаше мерка за затворски, ниту за домашен притвор. Првично му беше одземен пасошот, но сега му е вратен. Тој има обрска да се јавува во судот, како мерка за претпазливост.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, влезе, па излезе од притвор и сега е слободен човек. Првиот притвор му беше определен на 20 ноември 2018 година за случајот за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“. Во домашен притвор беше префрлен кон крајот на март, а во меѓувреме му ги менуваа предметите за кои е определен затворскиот притвор со нови 30 дена. Мијалков, слободен човек стана од почетокот на мај кога му ги укинаа сите притвори, односно домашниот за предметот во кој е првостепено осуден,  „Титаник 2“. Во овој случај доби затворска казна од 3 години за примање награда за противзаконско влијание. Но, пресудата не е правосилна, бидејќи е во фаза на жалба пред Апелациониот суд. Се чека одлука, дали ќе бидат потврдени казните, преиначени или судењето ќе се врати од старт. Против Мијалоков, се водат и судските предмети „Таргет-Тврдина“, „Тортура“ и „Трезор“. Мијалков е осомничен и во истрагата „Империја“.

Од полициските кругови, единствено во затвор е поранешниот помошник – министер во МВР, Ѓоко Поповски. На пресудата во Кривичниот суд за случајот „Тенк“, СЈО побара, судот одобри за него притвор, откако беше осуден на шест години затвор. Пресудата стана правосилна по намалување на затворската казна на четири и пол години од страна на Апелациониот суд. Поповски, редовно седнува на обвинителна клупа во Кривичниот суд, на повторното судење за „Триста“, предмет за набавката на возилата во МВР. Во овој случај тој првично беше осуден на 9 години затвор, но Апелација одлучи одново да му се суди.

Поранешниот началник на петтата Управа, Горан Грујевски е обвинет во два судски процеса на СЈО – „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување и „Тврдина 2“ за уништување на докази. Притвор му беше определен, но не влезе во Шутка, туку избега во Грција, заедно со неговиот колега Никола Бошкоски, кој исто така е обвинет за масовното прислушување. И двајцата сè уште не се екстрадирани во Македонија. Грујевски беше осуден во отсуство на една и пол година затвор за „Тврдина 2“, а Апелација судењето го врати од почеток.

Мендух Тачи, претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), е осуден на 3 години и 2 месеци. Досега, не е влезен во притвор. Тој, исто како Мијалков, чека правосилна пресуда за „Титаник 2“.

Миле Јанакиевски имаше лоша среќа

Поинаков е случајот со Миле Јанакиески, кој во владата на Груевски, раководеше со ресорот транспорт и врски. Тој не е осуден, ама трипати беше во притвор во Шутка. Првпат влезе на 14 ноември 2018 година, веднаш по бегството на Груевски. Тогаш притворот му беше определен за да не избега. Три дена пред новогодишните празници, Јанакиески беше пуштен во домашен притвор. Дома седеше речиси два месеци. На 20 февруари годинава беше вратен во Шутка, како осомничен за крвавиот упад во Собранието од 27 април 2017 година, предмет што го води редовното Обвинителство за организиран криминал и корупција. Два дена подоцна, Јанакиески беше пуштен од Шутка и повторно вратен во куќен притвор. По четири месеци Јанакиески третпат влегува во затворски притвор, на 28 јуни 2019 година, пак од ОЈО за организиран криминал, тогаш поради сомнение за незаконска продажба на државно земјиште во центарот на Скопје, случајот „Шпански скали”. Од затворски притвор се враќа во домашен на 9 август годинава, по одлука на Апелација. Против Јанакиески има пет активни судења, „Титаник“, „ТНТ“, „Шамари Центар“, „Топлик“ и „Траекторија“ и уште неколки истражни постапки, но и поднесеното обвинение за 27 април.

Бизмисмените не се спасија

Бизнисменот Сеад Кочан успеа да го одбегне притворот, но не и на затворот. Имаше неколку обиди да ја одложи затворската казна од 4,8 години, но не му успеа. Тој на 2 август влезе зад решетки за случајот „Труст“ за тендер од ЕЛЕМ од 17,3 милиони евра. Тој на јавноста и е познат бегалец, откако му беше определен притвор. Пред две години за органите на прогонот го немаше, а за одбраната беше на службен пат. Кочан се појави во земјава во мај 2017 година, веднаш откако Врховниот суд му го укина притворот и се јави на кардиолог.

Шефицата на СЈО, наместо да гони криминал, заврши во притвор

Катица Јанева на 15 септември 2015 година беше избрана за Специјален јавен обвинител. Дојде од гевгелиското обвинителство и важеше за жената која ќе ја врати довербата на граѓаните во правдата, а задачата и беше да го гони криминалот кој произлегува од „бомбите“ на СДСМ. Додека власта и опозицијата се договараа за законското решение за СЈО, таа беше цврсто убедена дека нема да биде разрешена додека не и истече мандатот на 15 септември 2019 со право на уште една година. Со обеледувањето на истрагата „Рекет“, очите на јавноста беа вперени и кон Јанева, за во август да стане осомничена и да заврши во притворот во Шутка.

По разрешувањето на Јанева, обвинителите од СЈО се вратија во матичните обвинителства. Предметите на СЈО за кои сè уште се суди, се под капата на републичкото обинителство. Со одлука на државниот обвинител, Љубомир Јовески, истите обвинители продолжија да ги застапуваат предметите и во судница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот