Османи утре ја започнува посетата на Централна Азија како претседавач со ОБСЕ
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи утре ја започнува посетата на Централна Азија. Како што најавија од МНР, посетата ќе ја започне во главниот град на Узбекистан, Ташкент.
Во Ташкент претседавачот со ОБСЕ ќе оствари средба со државниот врв. Предвидени се средби со претседателот Шавкат Мирзијоев. Покрај средба, Османи со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов, ќе има и заедничка прес-конференција. Османи во Ташкент ќе се сретне и со претставници на ОБСЕ Канцеларијата на проектниот координатор во Узбекистан – информираат од МНР.
Исто така, Османи ќе се сретне и со претседавачот на Сенатот на Узбекистан, Танзила Нарбаева и со претставници на граѓанското општество.
Од Узбекистан, Османи ќе патува во Казахстан каде што исто така ќе има средби со официјалните државни лица, а ќе ја посети и Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана за одблиску да се запознае со активностите и проектите што ОБСЕ ги спроведува во Казахстан. Османи ќе се сретне со Касим Јомарт Токајев, претседател на Казахстан, а со вице-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу ќе имаат и заедничка прес-конференција. Османи во Астана ќе се сретне и со претставници на граѓанските организации – се вели во најавата.
Од МНР додаваат дека регионот на Централна Азија е еден од приоритетите на ОБСЕ. Тие велат дека е регион кој постојано се соочува со предизвици, сега засилени и со влијаението од воената агресија од Руската Федерација против Украина, како и од состојбата во Авганистан.