Османи распиша парламентарни избори во Косово на 14 февруари

Вјоса Османи / Фото: Архива на Слободен печат

Вршителката на должноста претседател на Република Косово, собраниската спикерка Вјоса Османи, одлучи да го распушти Собранието и да ги распише вонредните прламентарни избори за 14 февруари годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката на Османи, која вечерва ја објави службата за информирање на кабинетот на претседателот на државата, уследи по денешната конечна одлука на Уставниот суд на Косово за прогласување за нелегитимна на досегашната Влада, предводена од Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и за организирање вонредни парламентарни избори.

– В.д. претседателката Османи го распушта седмиот состав на Собранието на Косово и ги закажува предвремените парламентарни избори за 14 февруари. Поаѓајќи од уставните одговорности и пресудата на Уставниот суд…, како и по разговорите со парламентарните партии и Централната изборна комисија (ЦИК)… Османи донесе одлука за прогласување избори и го определи 14 февруари за ден на одржување на предвремените парламентарни избори, се наведува во соопштението.

Османи ѝ наложи на ЦИК да ги преземе потребните дејствија за организирање и одржување на изборите и воедно објави декрет за распуштање на актуелниот состав на Собранието.

Уставниот суд на Косово денеска ја објави конечната пресуда, со која досегашната Влада, предводена од Хоти, се прогласува за нелегитимна и се наложува одржување вонредни избори.

Судот на 21 декември пресуди, а денеска го објави и образложението, во полза на опозициското Движење самоопределување (ВВ), на чие чело е претходниот премиер Албин Курти, кое го оспори правото на еден од пратениците во Собранието кои гласаа за избор на кабинетот на Хоти, поради тоа што бил правосилно осуден поради кривично дело.

Уставниот суд одлучи дека пратеникот Етем Азири, припадник на малцинските етнички партии, немал право да гласа, а со оглед дека со неговиот глас кабинетот на Хоти го обезбеди минималното потребно мнозинство од 61 пратеници во 120-членото Собрание на Косово, со поништувњето на тој глас досегашната влада го изгуби легитимитетот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот