Османи: Поради нетранспарентноста при судењето на „Монструм”, ДУИ бараше повторување на постапката

Вицепремиерот Бујар Османи кој денеска во Кривичниот суд сведочеше во случајот „Монструм“ изјави дека бил во посета на обвинет од овој предмет. Сведокот рече дека причина за посетата било писмото испратено од семејството на обвинетиот Хаки Азири. Во писмото било напишано да им каже каде им е синот.

– Ме погоди тоа. Родителите на Хаки пратиле писмо јас да кажам каде им е синот. По настанот и акцијата имаше свикано претседателство во партијата. Таму се разговараше и се донесоа одредени ставови, кои јас требаше да ги пренесам во јавноста. Во интервју на национална телевизија, требаше да ги кажам ставовите. Истиот ден или наредниот, на национална телевизија додека бев во операциона сала, имаше писмо од еден од обвинетите, Хаки Азири, во кое стоеше „Нека каже Бујар Османи каде е мојот син?“. Ми беше важно да кажам дека не знам каде е. Преку луѓе кои се соседи, побарав да се сретнам со нив за да им ги пренесам ставовите. Имавме состанок, бев пријателски примен – изјави сведокот Османи.

Вицепремиерот појасни дека тоа му бил единствениот контакт со семејството на обвинетиот Азири.

– Првото судење поради чувството на нетранспарентност доведе до недоверба во целиот судски процес. Добро е да се види повторен, транспарентен судски процес каде сите зборови се следат од јавноста, каде овој процес се деполитизира, декриминализира и каде граѓаните би верувале во овој судски процес. Денес јас бев сведок, а во минатото гласноговорник на ДУИ. Мислам дека беше многу важно да се повтори судењето на овој случај бидејќи граѓаните не веруваа. Ние не сме правеле притисок врз судството – рече Османи.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот