Орбан се жали дека во Брисел го „притиснале до ѕид“

Лидери на ЕУ во Брисел / Фото EPA-EFE/ZOLTAN FISCHER/HUNGARIAN PRIME MINISTER'S PRESS OFFICE/

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека бил „притиснат до ѕид“ за да го одобри договорот на Европската унија за испраќање нова помош за Украина и оти на тој начин го избегнал ризикот Унгарија да ги загуби средствата од фондовите на Унијата.

Орбан за унгарското државно радио изјави дека одлуката што ја донел вчера е добра, бидејќи ако Унгарија ставела вето на новата финансиска помош на ЕУ за Украина, другите 26 членки на ЕУ би се согласиле да испратат помош, а на Будимпешта ќе и беа одземени средствата од Европските фондови.

Тој тврди дека успешно спречил пренасочување на унгарските пари од фондовите на ЕУ во Украина.

– Ние не испраќаме оружје (во Украина), ги добиваме нашите пари од Брисел и ќе придонесеме за цивилното финансирање на Украина, рече Орбан.

Орбан повтори дека би требало да почнат мировните преговори меѓу Украина и Русија, оценувајќи дека времето е на страната на Русите, како и дека Брисел треба да ги насочи сите свои напори на што поскоро постигнување примирје, по што би следеле мировни преговори.

Тој истакна дека по вчерашниот самит на ЕУ, Украина повеќе ги почитува правата на унгарското малцинство во регионот Закарпатија.

Лидери на ЕУ во Брисел / Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Орбан рече дека на украинските земјоделски производи не треба да им се дозволи влез на европскиот пазар под сегашните услови, тврдејќи дека „би било најдобро воопшто да не им се дозволи“.

Унгарскиот премиер истакна дека на самитот на лидерите на ЕУ имало жестока дебата за ова прашање и оти неколку од нив ја повикале Европската комисија да не дозволи увоз на украински земјоделски производи.

Лидерите на ЕУ вчера едногласно се согласија да испратат помош од 50 милијарди евра за Украина.

Орбан неколку недели претходно изјави дека Унгарија нема да одобри финансиска помош на Украина.

Откако во декември беше обезбеден пристап до одредени транши за Унгарија од фондовите на ЕУ, Европската комисија задржува околу 20 милијарди евра средства наменети за Будимпешта поради обвинувања дека Орбан ги прекршил демократските принципи за време на неговото 13-годишно владеење. Унгарската влада ги отфрла овие наводи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот