Оптимизам: На крајот на октомври договор со Бугарија, во декември преговори со ЕУ?

Зоран Заев и Румен Радев/ Фото: МИА

До крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Северна Македонија и ако се постигне согласност, она што ќе биде договорено може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи, најави завчера техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, со што ја потврди и најавата од бугарскиот претседател Румен Радев, кој на самитот во Словенија изрази очекување „билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември и во него да има решенија што треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес“. Министерот Стоев рече и дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат и дека се предадени бугарските предлози и текстови.

Од Министерството за надворешни работи за „Слободен печат“ велат дека средбата до крајот на месецот ќе биде на ниво на експертските тимови на двете министерства, но не откриваат детали од бугарските предлози, ниту пак каков документ ќе потпишат двајцата министри, односно дали тоа ќе биде Патоказот со шесте точки.

– МНР на Република Северна Македонија е во постојана комуникација со МНР на Република Бугарија и тоа на повеќе нивоа, од техничко, до највисоко политичко ниво. Интензивната комуникација е со цел да се искористат можностите за надминување на меѓусебните разлики, со што би се отстранила пречката за продолжување на европските интеграции на Република Северна Македонија, по можност до крајот на оваа година. Во рамките на заемната посветеност, конструктивниот пристап и интензивирањето на напорите во наредниот период спаѓа и билатералната средба меѓу експертските тимови на двeте МНР, за која ќе информираме дополнително. Во меѓувреме продолжува со работа и заедничката Комисија за историски и образовни прашања, чија следна средба е закажана на 21 и 22 октомври – велат од МНР.

Премиерот Зоран Заев деновиве рече дека има можност да се постигне договор со Софија затоа што прашањата во шесте точки се решливи, а според министерот за надворешни работи Бујар Османи, прв таргет е 14 декември кога се одржува состанок на Општиот совет на ЕУ, на кој е можно да се усвои преговарачката рамка и потоа до крајот на годината да се закаже и првата меѓувладина конференција, со која официјално ќе почнат преговорите за членство во ЕУ.

Шефот на бугарската дипломатија Стоев по средбата со хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман во Софија рече дека Бугарија многу инвестирала во дијалогот со Република Северна Македонија и очекува конкретни дејства од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест. Стоев рече и дека продолжува дијалогот за ова прашање со еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи.

Претседателот Радев, пак, на состанокот со шефот на хрватската дипломатија Грлиќ-Радман ги оценил како алармантни случаите на дискриминација и на систематското кршење на човековите права на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Тој изразил поддршка за нивната желба да бидат вклучени во Преамбулата на македонскиот Устав и на нивните очекувања за објективно одразување во резултатите од пописот.

– За нас е важно меѓу младите од Република Северна Македонија да не се влева омраза кон Бугарите – рече Радев и даде пример со учебниците во земјата, каде што, според него, има искривени толкувања за Бугарија и Бугарите.

Вчера, пак, организации на Бугарите во Македонија излегоа со апел и „поддршка за јасниот принципиелен став на Бугарија дека Република Северна Македонија може да започне преговори за членство во ЕУ само откако ќе ги реши прашањата за еднаквоста, јазикот, традициите, историјата, спомениците и сè друго поврзано со идентитетот на Бугарите во земјата“.

Во документот што го пренесуваат бугарските медиуми, тие наведуваат дека бараат само „елементарни работи“.

„Нашите деца да може да се нарекуваат Бугари, а ние, како и сите други граѓани на Република Северна Македонија, да можеме да работиме целосно и рамноправно за нашата земја и за нејзиниот економски, политички и социјален подем“, велат во писмото.

Ова писмо стига еден ден откако седум организации на Македонците во Бугарија донесоа  Декларација во која ја осудуваат континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија, побараа помош од ЕУ и од  македонската држава, како и двете земји да ги стават малцинствата во своите Устави – Бугарија македонското, а Македонија бугарското.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот