Општините, Град Скопје и екологистите молчат за коледарските огнови: Вечерва Скопје ќе „чади“!

Коледарски огнови/Фото: Архива на СП

Без оглед дали станува збор за пагански обичај или за традиција, вечерва, во пресрет на Коледе и Бадник, ќе се палат коледарски огнови. Граѓаните од повеќе населби низ Скопје, уште минатиот месец ги почнаа подготовките, што значи дека организирано се собираа пари за да се набави сето она што традиционално се принесува околу разгорениот оган – топла ракија и посна храна. И откако со песни и игри околу огнот ќе се избркаат „злите духови“, коледарите во раните утрински часови ќе тргнат од куќа до куќа да пеат „Коледе“ и да собираат дарови.

Палењето коледарски огнови во периодот кога Скопје секојдневно „дише на шкрги“ поради големото загадувањето на воздухот е она што најмалку му треба на градот. Настрана што оваа традиција од која не се откажуваат дел од граѓаните, дополнително го загадува воздухот, собирањето покрај огнот најчесто се претвора во пијанка непримерна за големиот празник што следи, денот на Христовото раѓање.

За среќа, изминатите години општините престанаа да донираат дрва за коледарски огнови, но исто така годинава ниедна од нив, вклучително и Град Скопје досега не апелираше до своите жители да се воздржат од палење дрва.  Ако не за друго, барем од еколошки аспект.

Апел повторно стигна од МПЦ од каде ги потсетија граѓаните дека во период на енормно загадување на воздухот, но пред сѐ заради тоа што палењето на огновите не е во согласност со христијанството и традицијата, не треба да палат огнови и особено да не се практикува пуштање гласно на неприкладна музика и да се воздржат од конзумирање алкохол на собирите.

Дури и еколошките друштва, кои вообичаено се најзагрижени за квалитетот на воздухот што го дишеме, годинава се многу тивки и не упатија пораки против палењето огнови на отворено низ скопските населби. Единствени кои јавно се огласија се од велешкото здружение „Грин пауер“, со оглед дека состојбата со загадувањето во овој период е алармантна во повеќето градови низ државата.

Најмалку што можеме да направиме за природата е да се послушаме себе си, и да го победиме Паганот во секој од нас !Не затоа што ние имаме било што против традиционалното празнување, туку затоа што со палење на коледарски оган, само дополнително ќе ја влошиме состојбата со загадувањето на амбиенталниот воздух кој и онака нема кој да го измери !Кога државниот апарат покажува очајна немоќ и кога градот нема слух за системско решение на проблемот со загадувањето, мораме сами со сопствената свест да покажеме дека самите себе си, сме си луѓе и за себе и своите најблиски го посакуваме најдоброто ! – велат од Здружението.

Вчера со соопштение за овој проблем реагираа и од ВМРО-НП.

ВМРО-Народна партија во контекст на палењето бадникарски огнови ја повикува Македонската православна црква, иако претходно многу пати го кажувала својот став оваа година посериозно да се ангажира во објаснувањето на македонските православни верници дека овој обичај односно палењето на огновите воопшто не е согласно ниту православната црква ниту со македонскиот идентитет кој напротив е директна идентитетска негација, а да не зборуваме за еколошката катастрофа која би се предизвикала во време на енормно загадување на воздухот – соопштија од партијата.

Граѓаните кои со денови се подготвуваат за забава покрај распалените огнови низ градот, вообичаено нема да ги послушаат апелите. А на оние другите, кои го слушаат својот разум и имаат повисока еколошка свест не им останува ништо друго освен вечерва убаво да ги затворат прозорците и да не излегуваат надвор. Воздухот ќе биде сериозно загаден.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот