Онлајн наставата предизвик за средните стручни училишта – дали учениците ќе се стекнат со потребните вештини?

Настава со физичко присуство / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Средношколците кои се запишани во средните стручни училишта имаат проблем со реализацијата на практичната настава поради он-лајн наставата која се изведува во домашни услови, укажува Комората на занаетчии на Град Скопје.

– Работодавачите најчесто избегнуваат во нивните работилници или локали да примаат ученици на пракса бидејќи се плашат од опасноста за ширење на вирусот. Тие се исто така изложени на дополнителни финансиски трошоци поради обврската да обезбедат заштитна опрема за учениците. Се плашам дека матурантите од стручните училишта ќе излезат од образованието без стекнати вештини и компетенции, а најголема штета од ова ќе има бизнисот – вели директорката на Комората Анета Атанасовска за „Слободен печат“.

Таа посебно е загрижена што многу малку се реализира практичната обука кај работодавач, и покрај тоа што има протоколи за одвивање на практична настава кај работодавачи, во услови на ковид пандемија.

Дека има проблеми со извршувањето на практичната настава потврдуваат и директорите на неколку средни стручни училишта. Но, велат дека проблемите ги надминуваат, а праксата ја извршуваат во рамките на училиштето.

Директорката на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ Слаѓана Трпковска Салтирова вели дека дел од угостителските објекти и хотелите каде што се изведувала практична настава ја прекинале соработката со училиштето од страв поради пандемијата.

-Учениците имаат практична настава во училишитето и во објекти кои не се плашеа да ги примат децата. Он-лајн наставата не ја попречува практичната настава, единствената разлика е во тоа што групите се помали – согласно ковид протоколите, објаснува Салтирова.

Министерството за образование следејќи ги препораките на Комисијата за заразни болести има подготвно протокол за работа кај работодавачи. Дел од препораките се однесуваат на обезбедување опрема за лична заштита, ограничување на бројот на ученици, зависно од условите за работа, и почитување на мерките за заштита при работа.

 

Практичната настава во Средното медицинско се спроведува и во училиштето и во здравствени институции

Најголема опасност од неспроведување на практичната настава постои во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“. Директорката на училиштето Маја Салиу во разговор за „Слободен печат“ вели дека се свесни за ризиците кои он лајн наставата може да ги предизвика во делот на стручните оспособувања, и токму затоа предметот практична работа не се изучува од дома.

-Практичната настава е предмет кој согласно наставниот план се изучува во III и IV година од средното стручно образование. Оваа учебна година согласно Планот за реализација на наставата предвидено е само предметот ‘практична настава’ задолжително да се изведува со физичко присуство. Па така, дел од учениците обавуваат пракса во училиште, а дел во здравствени институции. Согласно можностите и условите на неделна база се прават посебни распореди со ротации за да може да се запазат мерките и протоколите за заштита од Covid-19, а сите ученици да исполнат потребниот број на часови по пракса. Во прва и втора година, во реформираното модуларно стручно образование, нема практична настава, туку дел од стручните предмети имаат интегрирани вежби заедно со теорија. Овие вежби во редовната настава наликуваат на пракса, но согласно насоките за оваа учебна година, и тие мора да се спроведуваат онлајн. Се користат видеа, демонстрации па дури и симулации со цел да се стекнат потребните знаења. А сето она што нема да се извежба, ќе може да се повтори за време на задолжителната феријална (летна) пракса во соодветни институции во траење од 20 работни дена за сите ученици. Мора да се напомене дека нашите ученици како идни здравствени работници може да се стекнат со многу повеќе знаења и вештини не само ‘за’ туку и ‘од’ самата пандемија. Секако дека овде сакаме да оддадеме признание на Министерство за образование и наука и Министерство за здравство за целата поддршка низ процесот на организација и одобрување на активностите поврзани со праксата на учениците од нашето училиште. Не помалку важно е и да ги пофалиме нашите професори кои вложуваат максимални заложби учениците да постигнат максимум од образовниот процес согласно планираните програмски активности. Затоа, не треба никој да стравува дека матурантите од нашето училиште без практично познавање ќе го завршат образованието, рече директорката Маја Салиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот