Охридска академија на хуманизмот: Награда за хуманизам за академик Абдулах Шарчевиќ

Добитник на Светската награда за хуманизам за 2021 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на свети Климент на сите светски меридијани, е академик Абдулах Шарчевиќ, редовен член на Академијата на науките и уметностите на БиХ, еден од водечките филозофи и мислители на Балканот и во Европа.

Професорот Абдулах Шарчевиќ е петнаесетти добитник на ова исклучително признание со кое Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александар Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на светите Кирил и Методиј, заштитниците на Европа. Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Абдулах Шарчевиќ истакна дека „исклучително е почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи неговото име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот“. Почетокот на универзитетската кариера на Шарчевиќ е врзан за Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа продолжува во Сараево, Загреб и во повеќе европски и американски универзитети.

Церемонијата на доделувањето на наградата се одржа на 19 јануари со меѓународна онлајн конференција, која под наслов „Охридската школа на хуманизмот, од Средниот век до денес, во Европа и во светот“ собра над 40 учесници, видни интелектуални, универзитетски и политички величини, кои го обележаа јубилејот – 15 години на Светската награда на хуманизмот. Модератор на конференцијата беше Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџ во Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

На конференцијата беа прочитани последниот текст на академик Георги Старделов, беседата на Јордан Плевнеш, а во името на градот Охрид градоначалникот Константин Георгиески виртуелно му ја врачи наградата на Абдулах Шарчевиќ. Од името на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина се заблагодарија академик Есад Дураковиќ и лично академик Абдулах Шарчевиќ од својот дом во Сараево, кој подвлече дека Македонија и Охрид како духовна светлина ќе го покажуваат патот на хуманизмот во филозофијата на хуманизмот во Европа и светот.

Свое обраќање на конференцијата имаше и претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, кој истакна дека „низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на свети Климент Охридски и на неговата надалеку чуена Охридска книжевна школа. Надвор од секакво сомнение е дека меѓу мноштвото активности на Академијата особено значајно место зазема доделувањето на светската награда за хуманизам. Востановена во 2007-та, наградата се доделува секоја година на светски познати уметници, интелектуалци, истакнати имиња, но, пред сѐ, на посветени хуманисти“.

За следната година е предвидено по официјалната одлука на Советот на Општина Охрид да се инаугурира спомен-обележје кај Долна Порта, со имињата на сите досегашни добитници, кое е заедничко дело на Светлин Русев од Бугарија и Дарко Башески од Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 65, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-24 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот