Одбележување на Светскиот метеоролошки ден: „Иднината на времето, климата и водата низ генерациите“

Во Берово денеска ќе се одбележат Светскиот ден на водите – 22 март и Светскиот метеоролошки ден – 23 март. „Иднината на времето, климата и водата низ генерациите“ е темата на годинашниот Светски ден на метеорологијата што се одржува за време на 150-годишнината на Светската метеоролошка организација и ги истакнува минатите достигнувања, сегашниот напредок и идниот потенцијал на метеоролошките сервиси.

На свеченоста ќе се обрати градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Ивица Тодоровски, а ќе има и доделување признанија на вработени кои во УХМР навршуваат 10, 20 30 и 40 години работен стаж.

Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, во државава првите метеоролошки мерења и набљудувања се вршени уште во 19 век, во периодот од 1891 до 1899 година, во Скопје од страна на чиновниците од Австрискиот конзулат, а по катастрофалните поплави од 1922 година, Генералната дирекција за води во 1923 година формира мрежа на 25 дождомерни станици.

Хидрометеоролошката служба е формирана во 1947 година, а во годините што следат се формираат голем број метеоролошки и хидролошки станици од различна категорија.

Напоредно со стекнувањето со статусот на независна држава, а особено со членството во СМО во 1993 година, УХМР ги започна првите чекори кон автоматизација на набљудувањата, и следејќи го технолошкиот напредок во информатиката и телекомуникациите го усвои новиот начин за размена на податоците во меѓународните програми на Светското метеоролошко бдеење (World Weather Watch), вели директорот на управата, Ивица Тодоровски.

Во последните години, како што посочува, во Управата интензивно се работи на модернизација на класичните методи на мерења и инсталација на автоматски метеоролошки мерења.

Денес Управата располага со над 60 автоматски метеоролошки станици, над 40 автоматски хидролошки станици и секоја година се врши модернизација на постојните радарските системи, дополнува тој.

Тодоровски посочува дека, меѓу другото, УХМР учествува во експерименталната програма за заштита од град применувајќи најсовремена метода на авионско засејување на облаците.

Во однос на идните планови ги издвојува обезбедување продукти и услуги кои, како што вели, не се само од национално значење, туку се глобални стремежи на метеоролошките служби во целиот свет, предводени од Светската метеоролошка организација.

Во наредните децении, како што посочи Тодровски, фокусот ќе биде на истражувањата за обемот и темпото на промените во нашето време и клима и во нашиот воден циклус кои се надева дека ќе помогнат да станеме поотпорни и навреме да се прилагодиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот