Од понеделник официјално почнува грејната сезона: „Граѓаните да бидат спокојни, парно ќе има“

АД ЕСМ / МИА

Од понеделник официјално почнува грејната сезона. Помошник директорката за топлина на АД ЕСМ Александра Маројевиќ во интервју за МИА им порача на граѓаните да бидат спокојни, радијаторите ќе бидат топли и парно ќе има. Компаниите формирани од страна на акционерското друштвото АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика се подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона за потрошувачите на подрачјето на дел од градот Скопје, порачува Маројевиќ.

Таа нагласува дека ЕСМ во изминатиот период во целост го заврши отстранувањето на опожарениот топловод на мостот „Беласица“, а новите топловодни цевки се веќе пренесени на локација и додава дека се во постојана комуникација со Град Скопје, бидејќи мостот е под надлежност на градот.

„Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки на мостот Беласица ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО“, вели Маројевиќ во интервјуто за МИА.

Од 15 октомври, започнува грејната сезона 2023/2024 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува ЕСМ.

„По правило Снабдувањето со топлинска енергија се врши во периодот од 15 октомври во тековната, до 15 април во наредната календарска година. Снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите може да почне и пред 15 октомври, и да се врши и по 15 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи“ , изјави Маројевиќ.

Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот