Од плакарот на Анита: Женските чевли не престануваат да чекорат

Дами мои, спакувајте ги вашите нозе во најубавите чевли, во најудобните. Спакувајте ги во чевли меки како памук, нежни како свила, а силни и издржливи како челик.

Женските чевли носат голема тежина, без разлика дали се изработени од кожа, скај, синтетика, превртена кожа… сите подеднакво носат голема тежина. Не менува ништо ниту видот на потпетицата, ниту тоа дали штиклата е тенка или дебела, или пак два или десет сантиметри. Сите носат голема тежина.

Без разлика дали се традиционални, работнички, истрошени, позајмени, модерни или пак екстрамодерни и скапи, сите ја носат таа тежина. И женските влечки носат голема тежина, и патиките, балетанките, еспадрилите, сандалите, сите заедно еден куп тежина.

Тежината всушност настанува од одговорностите, обврските, задачите, проблемите, грижата, посветеноста, мислењето за сè и сешто, широкиот разум, отвореното срце и љубовта која жената безусловно ја дава. Ја дава, ја дели, ја споделува онака… „за џабе“, се расфрла, удоволува секому и задоволува секого. Иако нежни, убави и елегантни, женските нозе и нежните женски стапала трпат огромна тежина. Но не се откажуваат!

Многумина не можат да го забележат тоа бидејќи успешно го криеме пакувајќи ги своите стапала во најразлични чевли. Оние „побистрите“ се свесни за тоа. Знаете колкав и каков пат поминале женските чевли? Трнлив, свилен, бодликав, жежок, сув, екстремно влажен… Но повторно чекорат.

Жени мои, чувајте ги своите убави нозе, чувајте ги како златник бидејќи не постои машина која може да ги замени. Не постои машина која толку удоволува, а сепак е насмеана. Не постои нешто толку цврсто што може сето тоа „на грб“ да го поднесе како нив.

Дами мои, спакувајте ги вашите нозе во најубавите чевли, во најудобните. Спакувајте ги во чевли меки како памук, нежни како свила, а силни и издржливи како челик. Спакувајте ги во модерни чевли, во фраерски обувки, чевли кои ви се по ќеф, и за очите и за душата.
Изберете чевли што „ќе паднат“ во сечие око, нека ги забележат сите, го заслужиле тоа.
Нека маршираат тие згодни нозе по улиците, нека оставаат траги вашите чевли, да ги видат сите, нека лупаат по асфалтот да ги слушнат сите! Нека маршираат како и досега, цврсто и гордо и никогаш нека не се откажуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот