Од опструкции до консензус, може ли?

Ни СДСМ нема право да го присвојува како партиски симбол и амблем АСНОМ и НОБ, ни која било партија, значи ни ДПМНЕ да го присвојува ВМРО. Тука е патот за излез од наметнатите делби до неопходниот консензус.

Дали е наша историска судбина, која денешната тесно прокламирана опозиција (ВМРО) ја продолжува и во почетокот на 21 век, опструкциите и провоцираните делби да ги следат општествените процеси за стабилен развој на државата? Еве и сега при одлуката на европски држави за почеток на преговорите за прием во ЕУ опозицијата демонстрира незадоволство со секој меѓународен верификуван успех. Потврдено правилото – континуитет на сопки кога е најтешко. Зошто ДПМНЕ не оствари никаква соработка за поддршка од европските сестрински народни партии? Напротив, доживеа критики за однесувањето кога се решаваа односите со Грција. Сами против сите. Зошто е вака?

По плурализацијата на македонското општество беше создадена партијата која во името го стави ВМРО и практично го воскресна екстремното десничарско крило на ВМРО од периодот 1920-1934 година. Со делбите. Само ние имаме внатрешна македонска револуционерна организација. Ваков композит нема никаде во Европа кон која и тие декларативно се определија. И уште со дополнителна додавка – демократска партија за македонско национално единство. Само ние не успеавме да ги заштитиме симболите на сенародното движење (ВМРО) од еднопартиска (зло)употреба.

Апсурдно е нешто постаро од државата да се аплицира во имиња на партии, па да се поставува пред нив како репер. И творецот на ВМРО, Христо Матов, напишал: „Ние се бориме за политичка слобода и тогаш кога таа ќе се извојува, Организацијата го губи правото на своето постоење“. Според тоа, од гледна точка на ВМРО, исклучен е историскиот континуитет. За да се излезе од оваа стапица, неопходно е статутот на партијата да се усогласи со уставното уредување, во чии рамки мотивите од минатото може да бидат само наследство на државата, а не на одделни партии. А под покровителство на најпатриотската, внатрешна и револуционерна организација, се случија обиди за размена на територии, уривање на словенскиот карактер на нашиот идентитет (по кој не признава светот) и негова конверзија во длабоко античка предмилениумска илузија, процес условно наречен антиквизација…

Се прашува обичниот граѓанин, ова ли се рутински дневно-политички настани, што не заслужуваат „мешање на науката?“ Не. Ова се темелни, неуставни формации, покриени со лажна партиска употреба на симболите на сенародното движење. Ни СДСМ нема право да го присвојува како партиски симбол и амблем АСНОМ и НОБ, ни која било партија, значи ни ДПМНЕ да го присвојува ВМРО.

Оттука, сега во актуелната констелација, во напорите за уредувањето на нашето општество во демократска и уредена заедница и држава, по европските стандарди, се наложува посебно на реформистите – новата млада генерација од ДПМНЕ да ја трансформираат и да ја насочат партијата во модерна, демохристијанска опозиција, како партиите во чија европска асоцијација и тие се. Без префиксот, кој вака преземен е баласт и навреда за сите што ги знаат и ги чувствуваат реалните, историски наследства. Тоа е акт и процес за создавање неопходно единство по највиталните државни интереси. Тука е патот за излез од наметнатите делби до неопходниот консензус. Сѐ друго е партиско – демократско право на реализација на програмските определби, во Собранието и во институциите на системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот