Од ФИФА апелираат да не се игра фудбал до септември

фото: твитер

Шефот на лекарската комисија на ФИФА предупредува дека прерано враќање на националните фудбалски шампионати во Европа, ќе значи втор бран на ширење на коронавирус.

Германците брзаат да се вратат на терените и тренинзите веќе на 9 мај, а Французите ја откажаа сезоната во „Лига 1“.

Италијанците инсистираат сезоната да продолжи, но од светската фудбалска куќа доаѓаат препораки тоа да не се прави.

Мишел Д`Хог, шефот на лекарската комисија на ФИФА предупредува дека прерано враќање на националните фудбалски шампионати во Европа, ќе значи втор бран на ширење на коронавирус и нови катастрофални последици.

Сите гледаме и слушаме какви одлуки се донесуваат на национално ниво и што доаѓа како информација од властите. Едноставно е. Фудбалот сега не е најважната работа на светот. Би бил среќен кога би започнале на вистински начин и најпаметно е да не се игра фудбал до крајот на август – рече Д`Хог за британските медиуми.

Кога фудбалот би се вратил во септември, би бил задоволен, тогаш би можел да се избегне втор удар од коронавирусот, кој не е невозможен.

Слушнав дека многу земји сакаат да ја продолжат сезоната без публика. Во својата кариера сум бил сведок на многу ситуации кога се мереа здравјето и економијата. Воглавно економијата излегуваше како победник, но доколку постојат околности во кои медицинските аргументи мора да победат, тоа е сега. Ова повеќе не е прашање на пари, туку на живот и смрт.

Не можете да играте во Премиер лигата кога играчите се должни да бидат два метри еден од друг. Не можете да барате од Ливерпул да игра против Манчестер јунајтед, а играчите да држат дистанца од два метри. 

Тестирањата се важни, но морате да ги повторувате. Доколку еден од играчите биде позитивен, цела група морате да ја ставите во карантин. Дали е тоа решение за нормално натпреварување? Дали некогаш сте се обиделе да играте фудбал со заштитна маска? – додаде Д`Хог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот