Од 470 случаи на заболени со Ковид-19 најмногу има во Скопје, стапката на смртност под европскиот и светски просек

Фото: ЕПА/ЕФЕ

Поминаа два дена откако целосно е укинат полицискиот час во земјава, по посебни протоколи отворени се кафулињата и рестораните и дел од вработените се вратија на нивните работни места. Задолжително е носење маска и држење на растојание од два метра.

Надлежните апелираат и порај попуштањето на мерките, да нема опуштање и да се почитуваат препораките за заштита за да не се доведеме повторно во ситуација да мора да се воведуваат рестрикции.

Во изминатото деноноќие се регистрирани нови 38 заразени лица, а во моментов се активни 470 случаи на заболени од Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сме исправени пред два избора – да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на препораките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки.

– Почнува да се враќа животот во нормала и почнуваат да се отвораат бизнисите, се враќа слободното движење, а наскоро ќе се отворат и границите. Се отвораме како што тоа го прават сите земји околу нас и во светот,  посочува Филипче.

Анализите на епидемиолозите потврдиле оти состојбата е стабилна, а досегашната стратегија дала резултат.

– Го заштитивме здравствениот систем и ја одржавме епидемијата под контрола. Тоа беше предуслов да ги олабавиме рестриктивните мерки. Но, мерките за лична заштита остануваат да важат и мора целосно да се почитуваат. Задолжително носење маска или прекривка на устата и носот, одржување физичка дистанца, редовна хигиена и дезинфекција на рацете се мерки кои остануваат дел од нашето секојдневие. Со овие мерки ние продолжуваме понатаму и со нив ќе се заштитиме, порача министерот.

Во моментов најмногу активни случаи на заболени лица има во Скопје – 232 лица, во Куманово се активни 36,  во Штип-19, Прилеп-43, Тетово – 71, Струга – 9, Велес – 31, Битола – 7, Охрид – 8, Гостивар – 4 и Струмица –  1, Неготино – 5, Виница – 1, Кратово- 1 и Свети Николе- 1 активен случај.

Новите 24 случаи со Ковид-19 во Скопје, што беа регистрирани вчера, се од Сарај (7), Бутел (4), Чаир (3), Аеродром (3), Студеничани (2), Шуто Оризари (2), Гази Баба (1), Кисела Вода (1) и Карпош (1).

Досега во земјата се направени вкупно 27.023 тестирања на Ковид -19. Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 2.077 заболени од коронавирус, починаа 121, а оздравени се 1.486 лица.

Од Министерството за здравство тврдат дека стапката на смртност од Ковид-19 во земјата е далеку под европскиот и светскиот просек.

– Процентот на смртност од вкупниот број потврдени со Ковид-19 во РС Македонија изнесува 5,8 отсто, а со повисок процент на смртност во регионот се Словенија со 7,3 проценти, Босна и Херцеговина со 6,2 отсто, Грција со 6.0 проценти, посочуваат од Министерството за здравство.

Процентот на смртност кај нас е под светскиот просек кој изнесува 6,17 отсто и далеку под европскиот просек кој е 8,75 проценти.

– Ако се земат предвид процентите на високо-развиените европски земји како што се Белгија со 16.26 отсто, Франција со 15.63 отсто, Италија со 14.31 проценти, Велика Британија со 14.02 отсто и Шведска со 12.03 проценти, Република Северна Македонија има два до три пати помала стапка на смртност, потенцираат од МЗ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот