Љупчо Коцевски Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Обвинителот Коцевски убеден во својата невиност

Jас строго сум работел и сè уште работам согласно Законот. Ако се исполнети условите според Законот за јавното обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Но доколку не се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или незаконит начин, рече републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски

Одлуката за негово разрешување, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски ја остава на политичарите, но им порача дека јавноста ќе цени дали ќе биде разрешен законски или незаконски доколку не се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда.

-Одлуката ја оставам на политичарите, јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно Законот. Ако се исполнети условите според Законот за Јавното обвинител, стојам на тоа и нека ме разрешат. Но доколку не се исполнети условите согласно Законот за јавно обвинителство, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или незаконит начин – рече Коцевски не сакајќи да коментира дали ова го толкува како политички упад на власта врз Обвинителството кое е самостоен и независен орган.

Тој ќе го чека целосниот предлог на Владата кој треба да биде доставен до Советот на јавни обвинители кој треба да му го достави до Коцевски, а тој потоа ќе се произнесе, но вели дека од она што го видел во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда.

– Доколку се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јас ќе си ја преземам одговорноста и доколку се утврди дека се работи за тешка дисциплинска повреда како што е во Законот, јас навистина ќе се повлечам, доколку јас ценам од она што ќе го добијам, предлогот, иницијативата. Од она што го слушнав во јавноста, што да коментирам освен дека тука нема никаква дисциплинска тешка повреда – рече Коцевски.

Обвинителот тврди дека ниту во еден предмет немал судир на интереси и како што објасни треба да се види по кои предмети постапувал незаконски за да се произнесе.

– Јас не одам на судење јас не постапувам по предмети така што воглавно ја вршам менаџерската работа и околу одредени работи кои се предвидени со Законот за јавно обвинителство – рече Коцевски.

Предлогот на Министерството за правда денеска се најде на владина седница, а Советот на јавни обвинители, со оглед на тоа дека во Законот за јавно обвинителство не е прецизирано за републичкиот јавен обвинител кој констатира дали сторил тешка дисциплинска повреда, ќе цени како во постапка за сите јавни обвинители, односно ќе одлучи дали Коцевски сторил или не тешка дисциплинска повреда.

Претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска кратко кажа дека нема да коментира политички изјави и дека откако до нив ќе стигне предлогот на Владата тие ќе постапат како што е пропишано во Законот, односно доследно ќе го применат.

-Јас не можам да коментирам изјави, доследно ќе го примениме законот – рече Димитриевска.

Коцевски прв пат се појави во јавноста откако Владата ја почна постапката за негово разрешување на седница на Советот на јавни обвинители каде го чекаше молба или барање од обвинителката Наташа Крстевска Цалева која пред една недела беше назначена да раководи со скопското Вишо обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрулахи, да биде ослободена од раководната функција.

Коцевски изненаден од барањето на Коцевска Цалева

И Димитриевска исто како и Коцевски, барањето односно молбата на обвинителката Крстевска Цалева прв пат ја видела денеска, а до Советот стигнала во текот на вчерашниот ден.

– Во Советот на јавни обвинители е пристигната молба и барање додека трае оддалечувањето. Видовте дека ги запознав членовите, доставено е барањето до сите нив, така да на наредната седница ќе донесеме одлука – рече Димитриевска.

На прашањето дали можеби политички притисоци се причина за барањето на обвинителката да биде ослободена од раководното место, Коцевски рече дека таа досега не се обратила воопшто до него и барањето го видел на денешната седница.

-Јас не сум известен од нејзина страна за овој поднесок, молба барање, така да сега дознав од претседателката на Советот на јавни обвинители. Мене не ми кажала ништо така да јас бев сега изненаден. Не знам кои се вистинските причини, дали е ова што денес стоеше во писменото барање со оглед на тоа дека се работи за една реченица, дека бара да биде ослободена од вршење на овие обврски за да се посвети на предметно работење – рече Коцевски.

Тој ја назначи Крстевска Цалева за времен раководител на Вишото јавно обвинителство, а Советот едногласно ја изгласа за да го заменува Хајрлуахи.

-Токму оваа кандидатка јас ја предложив затоа што таму во тоа Вишо јавно обвинителство меѓучовечките односи се нарушени и токму затоа оваа јавна обвинителка ценев дека е најцелеисходно да врши одредени работи во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тоа не е В.Д. туку обвинител кој ќе потпишува пошта, кој ќе прима пошта, ќе распределува и ќе врши тековни работи затоа што следи извештај, следи завршна сметка. Значи мора некој јавен обвинител да врши одредени работи и токму затоа, а ми беше целта тие меѓучовечки односи колку може да се средат – рече Коцевски.

Токму нејзиното назначување се најде како една од причините за Владата да почне постапка за разрешување на Коцевски со образложение дека тоа било незаконско. Коцевски ја коригираше Владата дека Крстевска Цалева е само времен раководител, пракса која постоела и претходно. Нападите кон Коцевски почнаа со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт преку вишите обвинители, Мустафа Хајрулахи и обвинителот Јован Цветановски со образложение дека Коцевски им вршел притисок да го затворат предметот за „бонусите на СЈО“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот