Обрван: Вардар е виновен што дозволи сите негови играчи да не се вакцинираат

Екс селекторот на Македонија вели дека ППД Загреб е најмалку виновен/Фото: rk-zagreb.hr

Задар (Хрватска) втора година по ред е домаќин на завршниот турнир во СЕХА Газпром лигата, а веќе го дознавме и првиот финалист.

Тоа е екипата на ППД Загреб која после пенал серијата триумфираше во полуфиналниот дуел против белорускиот Мешков Брест.

Вардар 1961 избори место на Ф4 турнирот откако во четвртфиналето го елиминираше ППД Загреб, но СЕХА лигата поради еден позитивен случај на ковид-19 одлучи да ги исклучи „црвено-црните“ од настапот во Задар.

Вардар беше подготвен да игра со оние играчи кои го има на располагање, но ниту за тоа не доби дозвола. Извршниот комитет донесе одлука Вардар да биде исклучен, а на местото на Вардар во полуфиналето игра екипата на ППД Загреб.

Веселин Вујовиќ, тренерот на двократниот европски шампион ја коментираше оваа одлука на регионалното натпреварување како срамна.

Од хрватска страна велат дека Вардар скапо ја плати цената што некои од нивните играчи не беа вакцинирани, па тестирањето во Загреб, на реванш мечот на 31 август, покажа дека има еден играч кој е позитивен. Законот во Хрватска од 1 септември предвидува во тој случај споменатиот играч и неговите контакти да бидат изолирани. Подоцна беше утврдено дека уште седум играчи на Вардар се во ризик, па затоа Управниот одбор на СЕХА Газпром лигата одлучи да игра ППД Загреб наместо Вардар.

– Ние сме најмалку виновни за ова што се случи. Многумина сега покажуваат со прст кон нашиот клуб, дека на сила нè турнаа на завршниот турнир, што нема никаква врска со тоа.

Веќе се збогувавме со настапот во Задар кога пристигна информацијата дека сме замена. Мислам дека законите мора да се спроведат, а во целиот овој случај, Вардар како клуб е најмногу виновен што дозволи сите негови играчи да не се вакцинираат – рече Ивица Обрван, тренерот на ППД Загреб и воедно поранешен селектор на нашата најдобра репрезентација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот