Обновливи извори на корупција

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Од празните џебови на граѓаните и натаму ќе се полнат оф-шор сметките на сопствениците на мали хидроцентрали, кои се дотаму заштитени што дури и нивните имиња тешко се дознаваат. Небаре се деца штитеници од „градинката“ за негување и грижа на субвенционираниот подмладок тајкунчиња, наречени „Мали фини буџетчиња“.

Владата најде соломонско решение: субвенционирањето погрешни инвестициски политики што нè доведоа во ситуација да сме енергетски зависни од увоз, повторно ќе го решава со – субвенции! Околу 31 илјада семејства ќе добијат по 1.000 денари за електрична енергија, а 9.000 пензионери веќе добиваат ваучери за енергетска ефикасност, одговори министерот за финансии Фатмир Бесими на прашањето – како ќе се неутрализира ценовниот струен шок кај ранливите категории граѓани. 

Цехот и за ова субвенционирање секако ќе го платат сите даночни обврзници преку покривање на буџетските дупки, на овој или оној начин. Шест проценти од секоја сметка за електрична енергија граѓаните плаќаат веќе неколку години за финансиска поддршка на обновливите извори на енергија – мали хидроелектрани, фотоволтаични системи, ветерници и биогас-централи. Најголем дел од парите од овој надоместок е наменет токму за стотина приватни мали хидроцентрали што се веќе изградени или се во фаза на изградба.

Државата уште пред 15-ина години почна стратешки да се престројува кон т.н. „зелена енергија“. Проект што по деценија и пол се покажува дека е и обновлив извор на корупција. Гарантираниот откуп на производството на овие хидроелектрани по повластени тарифи од страна на државниот оператор и загубар МЕПСО, Антикорупциската комисија го нарече „системска корупција“. Ревизорите, пак, утврдија дека државниот буџет последниве девет години е оштетен за 41 милион евра, затоа што струјата што им се откупува на концесионерите на мали хидроцентрали била поскапа од пазарната. Сепак, по толку државно потпомагање, во 2020 година „зелените“ мини хидроелектрани произвеле само четири отсто од вкупното домашно производство на струја. Наспроти овие милиони, „ситница“ се неплатените 370.000 евра во буџетот од дел од овие фирми за надоместок за користење на водата како ресурс.

Мини хидроцентралите се изградени, главно, на мали, чисти планински реки, богати со редок и ендемичен животински и растителен свет, а дел од нив се и во строго заштитени подрачја. Само во Националниот парк „Шар Планина“ функционираат вкупно 11. Лешница, Бистрица, Пена, Маркова Река, Брза Вода, Крива Река, Одранска, Брајчинска, Беловишка, Бачишка, Јабланица… се дел од тие врутоци кои, според екологистите, се повеќекратно загрозени. Бетонизацијата на природата заради т.н. еко-производство на енергија создава неприродни брани на реките, го загрозува биодиверзитетот, ги уништува шумите поради изградба на придружна инфраструктура, ја менува геоморфолошката структура на планините, предизвикува сушење на реките поради нивното пренасочување во цевководи, предизвикува ерозија на земјиштето, акумулира седименти што ги загадуваат реките…

Но, и покрај реакциите на Антикорупциска, Државниот завод за ревизија, медиумите и невладиниот сектор за опасноста од богатење на моќници блиски до власта, овие газди и натаму остануваат државни галеничиња. Антикорупциска во 2019 година отвори предмети против тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, како и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но како што ги отвори, така и ги затвори, зашто не успеа да ги потврди наводите дека двајцата влијаеле при одлучувањето за изградба на мали хидроцентрали.

Хидроенергетското лоби извонредно функционира со децении. Македонија за 30 години изградила производствени енергетски капацитети за само 160 мегавати струја, или десетпати помалку отколку во толку озборуваниот социјализам. Нашиот стана нивни хидропотенцијал, па затоа овој месец увезуваме десетпати поскапа струја што тешко се наоѓа на слободниот пазар. Последиците се повеќекратни, не само по џебот на потрошувачите, туку и по стопанските субјекти.

Властите нè смируваат дека, сепак, Нова година нема да ја прославиме како „девојчето со кибритчињата“. Тоа нема да го смени фактот дека од празните џебови на граѓаните и натаму ќе се полнат оф-шор сметките на моќниците што се дотаму заштитени што дури и нивните имиња тешко се дознаваат. Небаре се деца-штитеници од „градинката“ за негување и грижа на субвенционираниот подмладок тајкунчиња наречени „Мали фини буџетчиња“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот