НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп: Објавен е нов број на „Стремеж“

Деновиве излезе првиот број за 2020 година на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, што го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

Во рубриката „Проза“ објавени се раскази од Митко Маџунков, Иво Митев, Катерина Данаилова, Билјана Ѓонеска, Ивана Трајаноска и Драгана Евтимова. Во рубриката „Поезија“ се објавени нови песни од Зоран Анчевски, Светлана Босилкова Далевска, Сузана Ѓорѓиевска, Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Цеца Видова – Трајческа и Тања Кузманоска. Списанието има рубрика „Нови гласови“, а овој број на „Стремеж“ ја промовира поезијата на младата македонска авторка Марија Саревска.

Во рубриката „Препеви, преводи“ се објавени песни од кинескиот поет Ван Јин препеани од англиски јазик од Македонка Божиновска, поезија од данскиот поет Клаус Анкерсен во препев на Звонко Танески и песни од поетот Петар Матовиќ препеани на македонски од Никола Маџиров. Во рубриката „Критики, есеи, студии“ Васил Тоциновски пишува за романот „Сивиот плоштад“ на Сашо Огненовски, објавена е промотивната реч на Катица Ќулавкова по повод збирката раскази „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ на Габриела Стојаноска – Станоеска, потоа беседата за Рацин „Слово и глина“ на Венко Андоновски и есејот на Габриела Стојаноска – Станоеска за новата збирка поезија „Уплавната вода, тагата“ на Сузана Ѓорѓиевска.

Во рубриката „Ин мемориам“ е објавена биобиблиографијата на еминентната авторка и преведувачка од руски јазик – Тања Урошевиќ (1936-2020), извадокот „Мирисаа багремите, цветаа тополите“ од нејзиниот необјавен роман „Еден сив мартовски ден“, како и освртот на Кица Колбе „Крајот на сезоната – последната новела на Тања Урошевиќ“. Рубриката „Театар“ го донесува текстот на Каролина Мицевска „Промотор на домашното драмско творештво“ по повод 70 години Театар „Војдан Чернодрински“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот