Нови реакции за предлог законот за клевета и навреда, реагираат новинарите и партиите

Здружение на новинарите / Фото: Лого, Архива на Слободен печат

Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење”. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување, реагираат од Здружението на новинарите на Македонија.

ЗНМ бара ова, во дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година која, во тоа време, беше позитивно оценета и од ОБСЕ и Советот на Европа.

-Иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред се за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, реагираат од ЗНМ.

Текстот на овој Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е во фаза на прво читање во Собранието од јули 2021 година. Истиот текст предвидува значително намалување на нематеријалната штета за новинарите и медиумските работници како барање што ЗНМ претходно го имаше кон Министерството за правда.

Грешната форумалција ја увиде и Министерството за правда па најави дека амандмански ќе се интервенира во предлог законот.

Своја реакција на овој предлог закон упати и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата соопштуваат дека барањето на власта за навреда да одговара секој кој што ќе искаже негативно мислење е уште еден доказ дека Македонија е заробена држава.

-Владата на СДСМ и ДУИ уште еднаш докажа дека се хибриден режим и ќе казнуваат за искажана критика и негативно мислење. Тоа само покажува до каде се отидени и забегани од реалноста. Да потсетиме дека во 2019 година истата влада на заевизмот, по насоки на Заев и Спасовски тогаш подготви предлог закон со кој се ограничуваше правото на протест, па забрануваа протести пред седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив.  Ова значеше дека доколку некој сака да протестира за лошата политика на владата или некое министерство, тоа треба да го прави на некоја ливада надвор од градот. Сега истата власт на Заевизмот бара да се забрани негативно мислење искажано против власта, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот