Нови корекции на планот: Трет обид ДУП за Лисиче да се скрои по мера на жителите
Дали по третпат коригираниот ДУП за Градска четврт ЈИ 09 блок 09.01 ќе биде конечно трета среќа за лисичани, ќе се знае од четврток, 10 август, кога жителите на населбата повторно ќе го имаат на јавна анкета. Какви корекции се направени во него засега не е познато, ниту дали од него се избришани зградите против чија идна изградба протестираа жителите од Лисиче.
Препорачано
Коригираниот ДУП ќе биде изложен во просториите на основното училиште „Димитар Македонски“ до 16 август, а јавна презентација ќе се одржи на 15 август во 17 часот, во просториите на училиштето. Анкетните листови веќе вообичаено можат да се пополнат додека трае јавната анкета, при што сите засегнати фирми и граѓани од овој плански опфат можат да достават забелешки и предлози по планот во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма.
Кога предлог ДУП-от за Лисиче за првпат беше претставен пред граѓаните, во него се предвидуваше во населбата да се изградат девет згради, од кои највисоката би била на 11 ката, но и три седумкатници. На празниот простор покрај булеварот Србија, имаше маркички за четири големи згради, а уште пет беа предвидени покрај улицата 12. Македонска бригада, со приземје, четири ката и поткровје. На ваквата „бетонизација“ на населбата жестоко се спротивставија жителите, кои организираа и протести на кои кажаа „не“ за изградба на згради, затоа што сметаа дека доколку се усвои овој ДУП, неговата реализација би ги направила затвореници во нивните домови, би го запрела протокот на свеж воздух и сончевата светлина, односно би го нарушил квалитетот на животот во нивната населба.
Од Општина Аеродром соопштија дека прифатиле дел од забелешките на граѓаните доставени преку анкетни листови и го коригираа планот. Но и таков, не беше прифатлив за жителите, кои не отстапуваат од своите барања во тој дел воопшто да нема згради.
Згради беа зацртани и во поправениот ДУП што по вторпат им беше понуден на јавна анкета, иако во помал број. Во него беа впишани само три објекти со А2 намена, односно згради за колективно домување. Две од нив се наоѓаа на иста парцела, на аголот помеѓу булеварите Србија и 12 Македонска бригада и двете висококатници од по речиси 38 метри, односно со приземје, десет ката и поткровје. Покрај булеварот Србија, предвидена беше уште една зграда со приземје, три ката и поткровје. Сите згради се на локации каде што сега се наоѓаат автоплацеви.
На останатите дури 460 парцели во ДУП се зацртани индивидуални куќи со приземје, еден кат и поткровје, а на шест од нив, според планот им е дозволено да изградат уште по еден кат повеќе. Тоа значи дека доколку се прифатеше овој план, сите постојни куќи што досега се воделе како дивоградби, ќе бидат легализирани. Во овој дел од планот не се очекува дека се направени корекции.
На втората јавна анкета следуваа 230 анкетни листови со забелешки од граѓаните, кои останаа доследни во своите барања – „Не за згради во Лисиче“.
Дали по третпат направените корекции во ДУП-от за Лисиче ќе бидат прифатливи за жителите од Лисиче, ќе се знае наскоро. Засега и Општина Аеродром молчи и не соопштува какви измени се направени и што најново ќе им се понуди на граѓаните, а молчат и жителите во очекување да го видат најновиот предлог план.


