Нова студија: Силното осветлување ноќе може да го зголеми ризикот од мозочен удар

Фото: Pexels Marcus / Aurelius

Континуираната изложеност на вештачка светлина во текот на ноќта може да ги изложи луѓето на зголемен ризик од мозочен удар, предупредува новото истражување.

– Ги советуваме луѓето, особено оние што живеат во урбани средини, да размислат за намалување на оваа изложеност за да се заштитат од нејзиното потенцијално штетно влијание – рекол авторот на студијата Џијан-Бинг Ванг, чија работа е објавена во научното списание „Строк“ (Stroke).

– И покрај значителниот напредок во намалувањето на традиционалните кардиоваскуларни фактори на ризик како што се пушењето, дебелината и дијабетесот тип 2, важно е да се земат предвид факторите на животната средина во нашите напори да го намалиме глобалниот товар од кардиоваскуларни болести –  додал Ванг во својата изјава.

Истражувачите следеле 28.302 возрасни лица кои живееле во густо населениот град Нингбо во Кина од 2015 до 2018 година.

Тие откриле дека оние со највисоки нивоа на ноќна изложеност на светлина имале 43 отсто поголем ризик од развој на цереброваскуларни болести, кои вклучуваат исхемичен мозочен удар (предизвикан од затната артерија во мозокот) и хеморагичен мозочен удар (крвавење).

Во текот на шестгодишниот период на следење, 1.278 учесници развиле цереброваскуларни болести, вклучително и 910 кои имале мозочен удар.

Изложеноста на високи нивоа на загадување беше уште еден значаен фактор, при што оние кои често се среќаваа со емисии од согорување на бензин, нафта, дизел гориво или дрво се соочуваат со зголемен ризик од цереброваскуларни болести за 41 отсто.

Истражувачите предупредуваат дека вештачките извори на светлина, како што се ЛЕД или флуоресцентни, може да го нарушат и потиснат производството на мелатонин, природен хормон кој му помага на телото да спие.

Со текот на времето, недостигот на мелатонин може да го наруши 24-часовниот биолошки часовник на телото и долготрајните обрасци на сон.

Авторите на студијата велат дека оние кои имаат хронични проблеми со спиењето се најмногу изложени на ризикот од лошо кардиоваскуларно здравје.

– Мора да развиеме поефикасни политики и стратегии на превенција за да го намалиме товарот на болести предизвикани од факторите на животната средина, како што се светлината, како и загадувањето на воздухот, особено за луѓето кои живеат во најгусто населените, загадени области во светот – рекол Ванг.

Ванг признал „неколку“ ограничувања на студијата, вклучително и недостатокот на податоци за алатките за внатрешно осветлување и третманите на прозорците што ги користеле учесниците, кои биле од само еден град во Кина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот