Нова сезона тестирања за Менса Македонија

Здружението на граѓани со високо натпросечна интелигенција Менса Македонија в сабота го почнува новиот бран тестирања на општата интелигенција со цел прием на нови членови.
Првото тестирање е закажано за в сабота, 23 септември, во 11 часот во Скопје, во просториите на приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во населбата Тафталиџе.
Кандидатите со навршени 16 години што сакаат да го дознаат својот коефициент на интелигенција и не се тестирале во изминатите шест месеци, може најдоцна до 21 септември да се пријават на линкот истакнат на профилот на Менса Македонија на Фејсбук, со потврда за уплатени 500 денари за стандардизираните тестови за интелигенција на Mensa International.
Тестирањето трае 20 минути, а резултатите се доставуваат тајно, на секој кандидат посебно. Се користи ФРТ тестот за општа интелигенција, а долната граница за влез во Менса Македонија е коефициент од 131.
До крајот на оваа година е планирано да се одржат тестирања во Охрид и во Штип, како и уште едно во Скопје.
Менса Македонија постои од 4 декември 1999 година и има повеќе од 100 редовни члена. Од илјадниците тестирани, во горните 2 отсто од светското население се квалификувале околу 900 лица.
Менса има три основни цели: да ја одреди и промовира човековата интелигенција за доброто на човештвото, да поттикне истражувања за прородата, карактеристиките и употребата на интелигенцијата и да промовира стимулативни интелектуални и социјални можности за своите членови.