НЛБ менува банкарски картички пред истек на рокот, зошто?
Според сознанијата од шалтер, ако навреме не се смени дебитната картичка „Мастеркард“, може одеднаш да биде укината нејзината употреба, и така некој при пари да остане без пари, особено ако тоа се случи по работното време од банката, или ако е во странство. Но, за неков официјален рок на употреба, или за други детали, од Банката не информираат.
Наши сограѓани добиваат известување од банката „НЛБ“ дека нивната платежна картичка е готова и дека треба да дојдат да си ја подигнат во експозитура. Но, како што велат тие, ниту побарале нова картичка, ниту старата им е сменета.
Препорачано
-Без да аплицирам за нова картичка, со актуелната картичка со времетраење до 2027 година, ми стигна порака на 20 октомври дека мојата виза дебитна картичка е изработена и да повелам во експозитурата на „НЛБ Тутунска банка“ во Капиштец. Јас ја игнорирав пораката бидејќи знаев дека немам аплицирано за картичка а дека тековната ми е важечка уште една цела година. Но, вчера ми дојде порака, пак од „НЛБ“, со напомена дека имам рок до 15.12.2025 да ја подигнам картичката. Се јавив во експозитурата Капиштец да прашам зошто ми е изработена нова картичка кога немам побарано такво нешто и кога старата ми важи до 2027 година. Банкарот ми рече дека доколку картичката ми е „Мастеркард“, тогаш тие картички банката ги менува. Без образложение зошто ги менува – вели нашата соговорничка.
Отидовме да провериме што се случува на шалтерите. Прашавме кои картички се менуваат, а добивме одговор дека мастеркард-дебитната се заменува со „Виза“, додека кредитната картичка „Мастеркард“ останува во функција.
Од НЛБ, пак, добивме дипломатски одговор без детали кои би им биле јасни на граѓаните.
-Репозиционирањето на картичните брендови е рутински аспект од деловното банкарско работење. Динамиката на пазарот бара од нас редовно да ги проценуваме и прилагодуваме нашите понуди за да останеме усогласени со пошироката визија и стратешките цели на Банката. Овие ажурирања се природен процес во истражувањето и обликувањето нови деловни можности, водени од посветеноста да им служиме на нашите клиенти – изјавија од НЛБ за „Слободен печат“.
Според сознанијата од шалтер, пак, ако навреме не се смени дебитната картичка „Мастеркард“, може одеднаш да биде укината нејзината употреба и така некој при пари да остане без пари, особено ако тоа се случи по работното време од банката, или ако е во странство. Но, за неков официјален рок на употреба, или за други детали, од банката не информираат.
Банките направија чист профит од 235,1 милиони евра за 9 месеци


