НИНА и ЉУБЕН МАЏИРОВИ: Од секоја болка и тага се раѓа нешто убаво!

„Стакло” е краток филм на Нина Маџиров, посветен на нејзиниот татко, вонсерискиот музичар Зоран Маџиров, а својата македонска премиера ја имаше во рамки на овогодинешното издание на Синедејс. Нина го подготвувала краткиот филм додека нејзиниот бил во болница, кој седум месеци се бореше со повредите од страотната сообраќајка во близина на Радовиш. За жал, Македонија се збогува со незаменливиот Зоран Маџиров на 9 мај 2017… „Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност” Во времетраење од само 5 минути, Нина успеа да пренесе многу битна порака која произлегува од големата болка по трагичната смрт на нејзиниот татко. Филмот е снимен како проект за одбрана на дипломски труд на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес, каде Нина заврши студии по актерска игра.

СП: Вие сте млади креативци кои заедно, успешно ја спакувавте трагичната случка која го промени Вашиот живот засекогаш, во навистина моќен и емоционален краток филм. Како се роди и како се развиваше приказната за краткиот филм „Стакло“, кој е посветен на Вашиот татко?

НИНА: Приказната на Стакло почна на еден дождлив ден во Лос Анџелес. Тогаш татко ми веќе беше во болница. Се чуствував осамено, разочарано и како ништо да не можев да придонесам за состојбата на татко ми. Со идејата на оваа приказна, мислев дека ќе му помогнам да стане да се опорави. Почнав да се инспирирам слушајќи ја музиката на татко ми и пешачејќи по дождот. Одма му се јавив на брат ми Љубен и ја разработивме целосно идејата преку скајп. Љубен ми помогна околу сценографијата и како да се одвива целосната приказна и понатаму тој ми помогна да ја напишам скриптата. Оригиналната верзија на приказната беше како тој се буди од комата. Но на жалост тоа не се случи. Деноноќно посакувавме целото семејство да го гледаме. После неговата смрт ја завршив скриптата и ми беше дел од тезата за да дипломирам на Њујоршката филмска академија.

Нина Маџиров / Фото: Слободен печат

СП: „Стакло“ ја имаше својата премиера во култниот TCL Chinese Theatre во Лос Анџелес, отскочна даска за многу познати филмови како „Волшебникот од Оз“, „Титаник“ и многу други… Раскажи ни како странската публика ја доживеа приказната и со кои сè награди се закити „Стакло“ досега? 

НИНА: Знаев дека работам на нешто вредно, на нешто за што цел живот ќе се гордеам, надевајќи се дека и татко ми се гордее со мене. Имаше еден момент на снимањето, кога го удрив шишето, знаев дека и тој е со мене. Добива голема поддршка од моето семејство, од професорите и колегите на филмска академија. Бев одлучна да го пријавам филмот на неколку филмски фестивали, без никакви очекувања.И така Стакло вкупно победи 11 награди и беше номиниран за 20 награди на 9 различни филмски фестивали во Лос Анџелес и Њу Јорк. Една од најзначајните награди беше Најдобра актерка на фестивалот “Actors Awards” со кој директор даде посебен значај на мојата победа и кажа – “Една емоција, една сцена, два карактери и толку многу емоции. Нина Маџиров ќе го допре вашето срце со ударањето по шишињата. Таа го снимаше овој филм по смртта на нејзиниот татко, генијален музичар и ова е совршен трибјут за него, прекрасна едноставна приказна со големо срце.” Во Март 2018 беше премиерата во TCL Chinese Theatre каде што беа повеќе од 800 луѓе присутни. Добив огромен аплауз и доживеав катарзично искуство. Целосна тага, сите емоции, наеднаш испловија на површината.

СП: А македонската?

НИНА: Не очекував, но со сигурност најголемата поддршка ја добив од македонската публика. Кога филмот го заврши фестивалското прикажување, одлучив да го објавам на јутјуб за да го направам достапен за јавноста. Воопшто не очекував толку многу гледаност и добри коментари. Луѓе што никогаш не сум ги запознала ми пишуваа како филмот допрел до нив. Засекогаш ќе бидам благодарна на директорката и програмерите на Синедејс што сакаа Стакло да биде дел од програмата. Не само што се прикажуваше филмот туку и Љубен настапуваше на шишињата на татко ми. Настанот премногу ни значеше на нашата фамилија, а длабоко верувам дека му значеше и на татко ми.

СП: Вие сте брат и сестра кои растеле на повеќе локации, зад бекстејџ и низ многу хотелски соби. Кои се позитивните, а кои негативните искуства од постојаното движење од една на друга локација?

НИНА и ЉУБЕН: Кога бевме помали, имаше моменти кога им замерувавме на нашите родители за постојаните патувања и животот во бекстејџ, но подоцна свативме колку големо богатство е всушност тоа. За нас сега постојат само позитвните искуства, како запознавање на луѓе од секаде низ светот, патувајќи низ различни градови и запознавајње на различни култури. Засекогаш ќе им бидеме благодарни на нашите родители за начинот на нашиот живот, бидејќи тоа не изгради и не направи личностите кои сме денес.

СП: Веќе подолго време не живеете во Македонија. Каде сте сега, дали би се вратиле тука, со што сте преокупирани во моментов и кон што тежнеете во вашите кариери?

НИНА: Јас моментално живеам во Лос Анџелес. Со сигурност би сакала да балансирам и да доаѓам почесто во Македонија. Во моментот работам како продуцент на краток документарен филм кој е посветен на светски познат сликар кој во својата кариера соработувал со Ролинг Стоунс, Џон Ленон и Џими Хендрикс. Сепак, приоритет ми е глумата и пред неколку недели потпишав договор со добро позната менаџерска компанија во Лос Анџелес – „СК – менаџмент“ која стои зад актери кои се оствариле во популарни серии. Почнав да одам на аудиции за серии и блокбастери. Се надевам дека ова е само почеток и ќе продолжам да се трудам да се остварам и реализирам како уметник.

ЉУБЕН: Јас сум моментално во Лондон на факултет за музика “ICMP” Institute of Contemporary Music Performance каде што учам продукција на музика и филмска музика. Работам на проект со мојот бенд во Македонија “Контакт 59” каде што јас свирам на инструментот на татко ми.

Љубен Маџиров / Фото: Слободен печат

СП: Дали Македонија се наоѓа на вашата креативна мапа? Би можеле да очекуваме креативни плодови посветени на македонската јавност?

НИНА и ЉУБЕН: Да, со сигурност планираме идни идеи и проекти во Македонија. Сакаме да снимаме еден игран краток филм  и еден долгометражен документарен филм посветен на татко ми. Исто така, пред да почине татко ми работеше на нов музички албум. За жал не успеа да го заврши, но ние сакаме да го завршиме и снимаме со неговите колеги. Би сакале да објавиме дела што досега татко ни не ги објавил.

СП: Според Вашето искуство, што би им порачале на младите креативци кои се соочуваат со емоционална болка? 

НИНА и ЉУБЕН: Од наше искуство, би им препорачале на младите да не се плашат да ги изразат своите емоции во нивните уметнички дела. Емоциите на еден уметник, според нас, се најважните алатки за како да се биде добар уметник. Затоа од секоја болка и тага – се раѓа нешто убаво. Веруваме дека секој креативен човек може да ја искористи својата емоционална болка и до го претвори во нешто прекрасно!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот