Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Николоски: Ќе се обновува железницата Скопје-Кичево, државата го доби случајот „Казандол“ и заштеди 115 милиони евра

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната прес-конференција соопшти дека Владата донела одлука за почеток на подготовка за целосна реконструкција на железничката линија Скопје-Кичево, по која сега нема активен сообраќај и информираше дека државата го добила случајот „Казандол“ во кој група инвеститори барале оштета од 115 милиони евра.

„Владата донесе одлука за почнување подготвителни работи за целосна реконструкција на железничката линија од Скопје до Кичево на Коридорот 8. ЕУ ќе обезбеди 5,3 милиони евра грант за физибилити студија, а водечка финансиска институција ќе биде Европската банка за обвнова и развој која ќе одбере консултант, по што ќе се оди кон втората фаза – работа на терен“, рече министерот.

Тој додаде дека оваа линија е во лоша состојба и по неа сега е невозможно да се движат возовите.

„Затоа решивме прво да ја реконструираме, а потоа да ставиме модерна сигнализација и да ја електрифицираме. Дури и да беше во добра состојба, по железницата ќе оперираа само дизел локомотиви“, рече Николоски.

Министерот истакна дека реконструкцијата ќе овозможи поврзување на линијата Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар – Кичево.

Исто така, тој соопшти дека државата го добила случајот „Казандол“, во кој неколку инвеститори ја тужеле државата по 11 основи за кои барале оштета од 115 милиони евра.

„Сакам да информирам за донесената пресуда во арбитражната постапка „Казандол“ каде државата беше тужена од неколку инвеститори. Нивното барање беше 115 милиони евра отштета, но можам со гордост да кажам дека овој случај го добивме, сите 11 основи по кои државата беше тужена се одбиени и заштедени се 115 милиони евра. Пресдудата е целосно во наша корист, а случајот не беше воопшто лесен“ рече Николоски.

Во однос на патот Тетово-Гостивар, Николоски рече дека работите се одвиваат одлично и по планираниот тек за овој пат да биде пуштен во употреба во втората половина од 2027 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот